Законски мотивирана корупција

Никола Тодоров. / Фото: Архива на Слободен печат

Членот 218 од Законот за извршување директно придонесува за уништување фирми и корупција, со тоа што им овозможува на функционерите да не ги плаќаат долговите на државата кон фирмите.

Би сакал преку една иницијатива што може да почне и со оваа колумна, да се иницира измена на два члена од два закона што убиваат фирми и овозможуваат и поттикнуваат корупција. Првиот е Законот за јавните набавки, а вториот е Законот за извршување. Ќе почнам најпрво со вториот, со Законот за извршување, а преку предлог решението ќе завршам со Законот за јавните набавки.

Членот 218 од Законот за извршување предвидува дека врз предмети и права на Република Северна Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Кои се тие предмети и права ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство.

Ова значи дека секогаш кога некој функционер на државен орган, градоначалник или директор на јавно претпријатие, не сака некому да му плати, може, иако доверителот има правосилна и извршна судска пресуда, никогаш да не го плати долгот или пак да го влече плаќањето толку долго и да плаќа толку мали месечни износи, што де факто наплатата ќе ја направи излишна. Кој било функционер, доколку така реши, може која било фирма кон која има некаков долг буквално да ја уништи, односно да ја банкротира. На пример, некоја фирма учествува на тендер за набавка на некоја стока, го добие тендерот, ја произведе, набави или увезе стоката, плати за тоа, предвиди некаква нормална трговска маржа, ја испорача стоката на државниот орган, општина или јавно претпријатие, а набавувачот иако ја примил стоката без забелешки, да не ја плати фактурата во рокот на доспеаност. Фирмата потоа има право да тужи, па бидејќи ја испорачала стоката по договор, а институцијата не платила во предвидениот рок, ќе го добие спорот и по два-три години ќе добие правосилна и извршна судска пресуда со која институцијата е задолжена да го плати долгот со законска казнена камата.

Е тука, почнува вториот дел од правната голгота – наплатата по правосилна пресуда. Ако функционерот се повика на овој член 218 од Законот за извршување со предлог претседателот на судот да определи минимум средства на должникот кои му се неопходни за нормално функционирање, доверителот, многу веројатно е дека или никогаш нема да се наплати, или ќе се наплати во неразумно долг рок од дополнителни неколку години.

Ете ја корупцијата!

Фирмата, за да ја премости темпоралната неликвидност предизвикана од неколкугодишното задоцнето плаќање, најчесто зема кредити од банките за што плаќа камата. Бидејќи фирмите немаат толкава ликвидност и го немаат тој луксуз да ги чекаат институциите десетина години за да си ги наплатат своите пари, во нужда, немајќи што друго да прават, одат да тропнат на врата и да „бацат рака“. И, ете ти ја корупцијата. Тука почнува катастрофата и за фирмата и за општеството. Кога ќе дојде на „баци рака“ некој, бесрамно, ќе и побара дополнителен арач, кој за да може да го плати треба да извади пари од сопствената сметка и за тоа да плати дополнителен данок.

На крај кога ќе се пресмета, ќе констатира дека подобро и поевтино и било стоката да ја даде како донација наместо да се матка со години по судови, банки и да оди на баци рака кај поглавицата или некој нему близок. Во услови, кога државава е сѐ уште клучен двигател на економијата и најголем работодавач, излегува дека фирмите се осудени да скокаат во овој вител, доброволно, со надеж дека ќе успеат да се спасат од вителот во кој самоиницијативно скокнале, што во основа е некаков глуп мазохизам на кој се принудени.

И, што е спасот? Па, или да не учествуваат на тендери и да си немаат работа со државата или ако учествуваат, да гледаат однапред да го наместат тендерот и да ги вградат во цената и овие „скриени“ трошоци. Ова повторно води кон корупција и до неразумно високи цени по кои набавува државата. Истово важи, покрај за фирмите, и за граѓаните кога имаат парично побарување од институциите, па излегува дека државата може да си ги наплати своите побарувања од фирмите и граѓаните, а фирмите и граѓаните не можат да си ги наплатат своите побарувања од државата. Тажно и поразително, но тоа е.

Што да се стори?

Сега да видиме што можеме да направиме. Прво и најважно е да се интервенира во спорниот член 218 од Законот за извршување. Јасно дека не може доверителот да ја земе зградата на некоја институција или нејзините компјутери или возила, но парите од сметката на институцијата мора да може да ги наплати. Не може општината да прави нова улица пред да ја плати таа што веќе ја направила. Не може јавното претпријатие да набавува нова стока пред да ја плати таа што веќе ја потрошил. Затоа ограничувањето не смее да се однесува на паричните средства на институцијата, а никако па на најголем дел од средствата на институцијата предвидени со нејзиниот буџет. Како компромис, можеби и да се предвиди некој лимит под кој не може да се извршува, но тој не би требало да биде повеќе од 30% од вкупниот буџет на институцијата, за остатокот од 70% да биде слободен за извршување.

Затоа треба да се измени членот 218 од ЗИ и прецизно ова да се предвиди, а не да биде оставено лимитот да зависи од вештачење кое го нарачува должникот (институцијата) и во кое најчесто се вметнува скоро целиот месечен/годишен буџет или приход на институцијата, па доверителите за наплата да чекаат и по десетина години, а државата, читај граѓаните, заради ова да платат камата која сериозно ќе го надмине главниот долг, доколку се разбира по пат државата не ја убие фирмата заради неплаќање на долгот што го има кон неа.

Втора работа која мора да се промени е Законот за јавните набавки. Концептот на законот базиран на планирани извори на финансирање, мора да се промени во концепт на резервирани средства за финансирање. Ова значи секогаш кога ќе се донесе одлука за јавна набавка, да се предвиди износот определен во договорот за јавна набавка да се депонира на посебна, наменска сметка од која ќе може да се плаќа само по основ на тој договорот за јавна набавка, па доколку договорниот орган (институцијата) не плати навреме и го загуби спорот на суд, извршувањето да се спроведе и да се наплати долгот од таа посебна наменска сметка, без разлика дали има определено лимит од страна на судот или не. Во случај на повеќе годишни набавки и во случај на набавка на (градежни) работи, износот на депонирани (резервирани) средства на наменската сметка да зависи од динамиката на плаќање определена со договорот. Вака фирмите секогаш ќе бидат сигурни дека навремено ќе си ги наплатат своите побарувања од државата и нема да има потреба да одат на баци рака или да влегуваат во матни зделки.

Еве го предлогот, ајде наместо да зборуваме дека треба да се бориме против корупцијата да направиме нешто конкретно против неа. Се знае кој ова треба да го промени. Тоа се пратениците, 120 на број. Ако знаеме дека овој фамозен чл. 218 од Законот за извршување промовира корупција, уништува фирми, остава луѓе на улица и ги брка луѓето и инвеститорите од државава, тогаш мора да предложат негова измена, веднаш!

(Авторот е поранешен министер)

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ][/sc]

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот