Законот за попис заглави, а без него не можеме да се преброиме

Попис фото МИА

Директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, бара средба со пратеничките групи на политичките партии застапени во парлементот со цел да им објасни како ќе се спроведува пописот на население планиран за наредната година, со што се надева дека ќе успее да обезбеди поддршка за носење на законот. Ако законот не се донесе летово, веројатно пописот нема да може да се направи наредната година.

– Се обидувам да стапам во контакт со парламентраните групи и со аргументи да им објаснам што сакаме, зошто се носи законот за попис и тоа сакаме да го направиме пред предлог-законот да биде ставен на комисија. Важно е да се каже дека законот е правна рамка, но не и методологија за спроведување на попис. Нема време да чекаме законот да се носи во октовмри, тоа треба да се заврши час поскоро. Без закон дефинитивно нема попис – вели директорот на Заводот за статистика, Симовски.

Во врска со забелешката на ВМРО-ДПМНЕ дека пописот ќе се сведе на попишување на матични броеви, тој објаснува дека во вкупното население ќе влезат само луѓето што се отсутни од земјава пократко од една година, а не и оние што се отсутни подолго.

– Мора да прибираме податоци и за иселените, и тоа не треба да се политизира. Не можеме да си дозволиме да не знаеме колку луѓе се иселеле од државата, кога, каде заминале – потенцира  Симовски.

Тој вели дека за оваа обемна статистичка операција мора да има соработка од сите и од опозицијата, бидејќи ако се случи дел од населението да го бојкотира пописот, тогаш тој нема да биде целосен и нема да даде релевантни податоци.

– Мора да сме свесни и дека пописот е обемна операција, треба да се прават јавни набавки, да се ангажираат попишувачи, тие да се обучат, да се носат акти, а за сето тоа треба време – истакнува Симовски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, вели дека партиска група составена од експерти работи на нов закон за попис, но до каде се работите и дали може во брзо време да видиме некое готово решение не кажува, вели да се праша во партијата. Портпаролот на партијата Наум Стоилковски, пак, за прашањата поврзани со пописот упатува одговори да се бараат кај нивната парламентарна група.

Засега глас нема ниту од претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, кој кога на 10 јуни го стави закнот на седница на комисијата, па потоа го тргна, рече дека за една недела повторно ќе го закаже. Но, од тогаш  поминаа три недели, а од Груби нема одговор на прашањето каква ќе биде судбината на законското решение што беше доставено во Собранието.

Поранешниот директорот на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека со носење на законот за попис дефинитно се доцни, бидејќи тој треба да биде донесен една година пред одржувањето на пописот.

– Иселените мора да се попишат преку матичните броеви или преку електронската апликација што ќе биде изработена и ставена на интернет страницата на Заводот за статистика. Предлог-законот има 55 точки и по некои од нив може сериозно да се дискутира, како на пример тоа дека нема датум кога ќе бидат објавени резултатите од пописот, или пак тоа што еден пописен регион опфаќа 130.000 жители, а друг само 6.000. Да се политизира целиот процес не е во ничиј интерес, има иселени од сите етнички групи – вели Герасимовски.

Пописот треба да почне во април наредната година, а ќе чини  8,5 милиони евра. Прибирањето на податоци за првпат нема да се прави на хартија, туку во лаптопи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот