Законот за легализација е дивоградба за јавниот интерес

Дивоградби на Попова Шапка, Фото: Архива

Претседателот Стево Пендаровски го извести претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, за одуката да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, информираа вчера од претседателскиот кабинет. Текстот на Законот, според претседателот, е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот.

Во меѓувреме не стивнуваат жестоките критики за Законот за легализација на бесправно изградените објекти, донесен во Собранието на 11 мај. Најгласни се граѓанските организации чијшто фокус е заштитата на животната средина, бидејќи, според нив, овој закон,освен што е во колизија со Уставот, ја загрозува природата и животната средина.
Еко-свест, О2 Иницијативата и поголем број на други еколошки организации и здруженија,м по донесувањето на Законот, му се обратија на претседателот Стево Пендаровски со барање да не го потпишува указот, со кој овој закон треба да стапи на сила, со образложение дека Законот не е усогласен со законите за заштита на природата и за води каде што постоење на какви било градби во одредени зони и подрачја е строго забрането, притоа за такви локации нема потреба од дополнително мислење од страна на надлежните институции наведени во новиот Закон. Тие го потсетија Пендаровски дека Законот е спротивен на Уставот, особено за две од темелните вредности во членот 8 – владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита на животната средина и природата.

Охрид СОС: Узурпација на јавното

Последните случувања во Собранието се многупати повторена и повеќе од јасна порака дека институциите постојат за да работат во служба на нечии лични интереси, не во служба на јавниот интерес, со ова се нормализира узурпацијата на јавното од страна на моќни поединци, категорични се од „Охрид СОС“, чиишто екологисти со години укажуваат на проблемот со нелегални градби во најстрого заштитените зони во охридскиот регион, кој е под заштита на УНЕСКО.

Тие сметаат дека носењето на овој закон не е ништо повеќе од озаконување на криминалот на урбаната мафија.

„Најчесто граѓаните кои немале доволно средства да ги легализираат сопствените домови повторно остануваат заглавени во корумпираните лавиринти на македонските криминални институции каде што предметите за кои не е дадено мито, стојат во фиока „во согласност со закон“, сметаат од Охрид СОС.
Според нив, фактот дека овој контроверзен документ беше донесен во Парламентот по скратена постапка и дека за него гласале 72 пратеника и од власта и од опозицијата укажува на тоа дека „нивната наводна спротивставеност е само долго перпетуирана делузија за јавноста“.

„Да го врати Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти во Собранието на Република Северна Македонија и да се одржат јавни расправи, бараме од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски“, апелираше Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест и Светскиот фонд за природа.

Атак врз урбанистичкото и просторно уредување

Но, иако опозицијата помогна во донесувањето на овој закон, давајќи му го потребното мнозинство, не сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ беа задоволни од законското решение.  Законот е директен атак врз моментното урбанистичко и просторно уредување и како феномен не е познат во меѓународното компаративно право. Бесправно изградени објекти не можат да бидат од јавен интерес или од интерес за републиката и за локалните власти, е ставот на професорката Гордана Силјановска Давкова.

– Јасно ми е дека има различни ситуации во реалноста и има разлики од еден бесправно изграден објект и друг бесправно изграден објект, знам дека некои граѓани понекогаш од нужда се принудени да пристапат кон вакво нешто, но мислам да се повикуваме на владеење на правото, а да носиме закони за уредување на правен статус на бесправно изградени објекти од правен и етички аспект не е можно. Едноставно, не можете да утврдите правен статус и легитимитет на нешто што е бесправно изградено. Не можам да судам за минатите ситуации, но мислам дека треба да собереме сила да ставиме крај на ваквите постапки и закони – рече Силјановска-Давкова.

Во пакет со продажбата на земјоделско земјиште?

Граѓанските организации сметаат дека е симптоматично што проектот за легализирање на бесправната градба дури и во најчистите и заштитени подрачја во Македонија непосредно го следи предложениот закон за продажба на обработливо земјоделско земјиште во сопственост на државата.

Според „Охрид СОС“, неконтролираното распродавање на виталните природни ресурси, заедно со легализирањето на објекти кои ја уништуваат природата се криминална узурпација на ресурсите кои на граѓаните им се неопходни за преживување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот