Законот за јавното обвинителство топ тема во партиските соопштенија: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пак за криминалот во туѓиот двор

Фото: Архива

Владејачката и опозициската партија во клинч кој повеќе ја загрозува европската перспектива на граѓаните

И со распуштено Собрание и со донесени закони за јавното обвинителство и за советот на јавните обвинители, нема крај на партиските соопштенија на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во кој се оцрнува противникот. И денеска владејачката и опозициската партија утрото го започнаа со криминалот во туѓиот двор.

За СДСМ  Законот за јавно обвинителство е темелот за неселективна правда и за правосудство кое ќе гарантира одговорност и казнивост за секој што го прекршил. Со изгласувањето, парламентарното мнозинство постигнало историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ.  Немало да дозволат и во иднина опозицијата да ја опструира европската перспектива.  Ние нашите ветувања ги исполнивме, време е ЕУ да го исполни своето ветување, одлука за почеток на преговорите, пишуваат од СДСМ.

„Желбата и потребата од правда ја победи алчноста за крадење народни пари. Со овој Закон се гарантирана судска разрешница на сите започнати судски процеси и случаи иницирани од СЈО кои ќе се водат врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази. Нема скриена амнестија за никого, ниту за стари, ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе се соочи со одговорноста. Секој што допрва ќе го прекрши Законот ќе се соочи со одговорност“, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, со став дека Законот за јавното обвинителство во Собранието е донесен со кршење на Уставот и законите.

„СДСМ ја претворија државата во најкриминална и најкорумпирана во Европа, а угледниот Економист ја прогласи Македонија за хибриден режим. Со нивниот криминално рекетарски систем на работа не само што не ги отворија вратите на Европа туку се повеќе не оддалечија. Наместо живот Заев и СДСМ донесоа беда. Откако дојдоа на власт, Република Македонија и граѓаните изгубија три години на лаги, криминал, неисполнети ветувања, три години без иднина“, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Спикерот Талат Џафери посочи дека Законите за јавното обвинителство и за советот на јавните обвинители се изгласани во соодветна процедура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот