Законот за јавно обвинителство денеска влегува во собраниска процедура

Фото: МИА

Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е закажана во 14:00 часот и единствена точка на дневен ред е „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата”.

Законот за јавно обвинителство денеска влегува во собраниска процедура, ќе се бара приближување на ставовите на власта и опозицијата на јавна расправа во рамки на парламентарната Комисија за политички систем.

Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е закажана во 14:00 часот и единствена точка на дневен ред е „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата”.

Од СДСМ, во пресрет на јавната собраниска дебата, вчера порачаа дека Законот за ЈО е последната шанса за ВМРО ДПМНЕ да покаже дали е за ЕУ и правна држава.

– Сите демократски капацитети во државата и нашите стратешки меѓународни сојузници го поддржуваат законското решение за Јавното обвинителство кое обезбедува независност и професионалност на јавните обвинителства. Законот за Јавно обвинителство е последната шанса на ВМРО-ДПМНЕ да покаже дали навистина е за ЕУ и за неселективно владеење на правото. Јавната собраниска дебата за Законот е последна шанса кога ВМРО-ДПМНЕ има можност да покаже дека навистина се грижи за владеење на правото, за стручни, ефикасни и независни обвинители и за процесуирање на сите кривични дела поврзани со висока корупција, соопшти СДСМ.

На јавната расправа, покрај политичките претставници, ќе учествуваат и домашни и странски експерти, како и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на што инсистира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Токму неговото неприсуство беше причина претставниците на ВМРО-ДПМНЕ да ја напуштат средбата на партиските работни групи со министерката за правда Рената Дескоска во Собранието.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ќе учествуваат на јавната расправа. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека се сериозни во намерата да се донесе законот за јавно обвинителство, ако Владата односно предлагачот, ги прифати забелешките на опозицијата.

– Ако постои реална желба од страна на Владата да се прифатат забелешките на опозицијата кои се аргументирани фактички тогаш зошто да не го донесеме тој закон. Но, доколку не постои таа желба тогаш тоа е тоа, истакна Мицкоски, додавајќи оти сакаат да се донесе добар закон, не само на хартија, туку да да се имплементира во пракса.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на власта и забележуваат дека со законот сака повторно да го воскресне СЈО и да ги заштити криминалците од своите редови. Тврдат дека се залагаат за закон кој ќе биде неселективен и пред кој ќе можат да одговараат сите граѓани, а не за некој да биде привилегија, а за некој обратното.

По серијата неуспешни обиди за договор меѓу влста и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по неодамнешната посета на еврокомесарот Оливер Вархеи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.

И амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во земјава на минатонеделната средба со премиерот Оливер Спасовски истакнаа дека носењето на законот за јавно обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјава за дијалог и владеење на правото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот