Законот за бранителите блокиран во Собранието, сите ги бранеа „своите“, а ќе се „одбрани“ владината коалиција

Славјанка Петровска, Стојанче Ангелов Фото: Фејсбук Ангелов

Тешко дека ќе се донесе законот откако албанскиот партнер во владата, коалицијата Вреди, упати ултиматум дека унапредување на правата на бранителите ќе има само ако се усвои и закон за инвалидите и семејствата на загинатите припадници на ОНА.

Тешко дека ќе биде загрозена владината коалиција и по бранувањата во Собранието по предлогот да се донесе законот за бранителите, кој доби поддршка од македонскиот блок партии. Тешко и дека ќе се донесе законот, откако албанскиот партнер во владата, коалицијата Вреди упати ултиматум дека унапредување на правата на бранителите ќе има само ако се усвои и закон за инвалидите и семејствата на загинатите припадници на ОНА. Дека законот е заглавен за „Слободен печат“ потврди претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути, која ни изјави дека нема намера да свика седница. Претседателот на Собранието Африм Гаши не ни одговори дали тој ќе закаже состанок на Комисијата, а од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека се легалисти и ќе почекаат да измине рокот за да се закаже ја комисијата, па потоа ќе одлучат за следните чекори.

Илире Даути/Фото: МИА

Даути: Немам намера да ја свикам комисијата

Законот за бранителите, предложен од пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, предизвика земјотрес во Собранието, бурни реакции на партиите, но и закани за меѓуетнички тензии. Даути одржала состанок со Комисијата за социјална политика, но само за законот за пензиите, а решила да не се расправа за законот за бранителите.

– Комисијата која ја водам јас третира закони кои го помагаат и унапредуваат стандардот на граѓаните, а не закони кои селектираат и дискриминираат. Овој закон нема да го ставам на дневен ред, барем додека јас сум претседателка на Комисијата, односно сè додека е таков и не предвидува решение на статусот и правата и на борците и инвалидите на ОНА – вели Даути за „Слободен печат“.

Иако побаравме, не добивме одговор од претседателот на Собранието Гаши дали и кога тој ќе ја закаже Комисијата на која треба да се расправа за унапредување на правата на бранителите, право што му го овозможува новиот собраниски Деловник.

Африм Гаши, претседател на Собрание Фото: Собрание Фејсбук

Новиот собраниски Деловник во членот 126 став 3 предвидува:

„Ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието и со седницата претседава членот на работното тело што ќе го определи престедателот на Собранието до завршување на седницата“.

Законот за бранителите и етнички и политички ги подели партиите. Од една страна, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ гласаа за потребата тој да се донесе наспроти Вреди и ДУИ кои се против и бараат закон за статусот и права за поранешните припадници на ОНА. Од друга страна следеа лавина обвинувања помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од една и помеѓу Вреди и ДУИ од друга страна дека законското решение е за кревање меѓуетнички тензии.

Премиерот Христијан Мицкоски е категоричен дека бранителите секогаш ќе имаат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и ја обвини СДСМ за кревање меѓуетнички тензии.

-Бранителите ја имаа, ја имаат и ќе ја имаат мојата недвосмислена поддршка. Овој закон којшто вчера беше на дневен ред е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, односно од СДСМ и тоа што е интересно, кога се гласаше потребата за носење на дневниот ред, СДСМ ја напушти седницата. Самата пратеничка и СДСМ не го поднесуваат законот затоа што мислат добро на бранителите, туку го поднесуваат за да создадат повторно етнички тензии и нетрпеливост ,бидејќи таа е картата на којашто и тие и другите опозициски партии без разлика дали се од македонскиот или од албанскиот блок ќе играат во периодот кој ќе следи. Мој совет до граѓаните е да не наседнуваат на ова, зашто состојбата е стабилна. Ова ќе биде нивната политика оти тие не знаат како да ја кренат економијата, но се мајстори да создаваат вакви тензии. И тоа ќе се случува периодов, но ние сме држава ќе ги браниме и ќе ги одбраниме граѓаните и безбедноста на Македонија- изјави Мицкоски

Премиерот не одговори како ќе ја надмине ситуацијата со владиниот партнер кој е категоричен дека закон за бранители ќе нема ако нема закон за припадниците на ОНА и дали тоа ќе влијае на владината коалиција.

-Речица и Бихаќска имаа аможност седум години да разговараат на овие теми. Јас ви кажав која е целта и повторно велам дека тоа е начинот на кои тие ќе функционираат. Не можат поинаку да мобилизираат луѓе, зашто од голтари влегоа во политиката милионери излегуваат, од команданти, излегуваат милионери – рече Мицкоски.

Петровска реторички во изјава за „Слободен печат“ го праша Мицкоски – дали му пречи законот или таа.

Славјанка Петровска/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

– Предлог-законот не создава тензии, туку т.н. политичари кои не знаат што е вистинска политика. Како министерка за одбрана се изборив за обесштетување на четворица припадници на безбедносните сили, за што Владата на СДСМ донесе одлука. Предлог законот е поднесе на 1 јули 2024 година, па оттука и прашањето кое Мицкоски треба да му го постави на својот коалициски партнер Гаши е зошто го криеше во фиока досега и зошто токму вчера го стави на дневен ред – прашува Петровска.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека законот е за да им се излезе во пресрет на реалните потреби на луѓе што имаат инвалидитет и на преживеаните, како и на семејствата со загинати бранители. Тој додаде дека не им целта е да предизвикуваат меѓуетнички поделба и тензии. На прашањето дека албанскиот блок е категорично против таков закон, Филипче вели дека се подготвени да разговараат.

-Спремни сме да разговараме за сите аспекти доколку колегите пратеници сметаат дека има таква работа. Може да отвориме дебата на комисиска расправа или помеѓу парламентарните групи, да видиме дали треба некој дополнителен чекор да се направи, да се задоволат барања на друга категорија или група граѓани- рече лидерот на СДСМ.

Паралелни кавги

Паралелна кавга и серија обвинувања за бранителите и зошто досега не е донесен закон за правата на припадниците на ОНА си разменија Вреди и ДУИ. Според првиот вицепремиер Изет Меџити предупредувањата за дестабилизација добиваат форма.

„Јавно прашувам: дали законот за бранителите е обид за поттикнување меѓуетнички тензии и дефокусирање на вниманието на јавноста од зачудувачкото криминално збогатување на лидерите на ДУИ? Ги потсетувам милионерите од ДУИ дека со гласовите на нивните министри владата ја финансираше одбраната на Тарчуловски во Хаг, неколкупати беше поднесен законот за бранителите и истиот беше дополнет за само тие да ги уживаат привилегиите. Повторувам со целосна одговорност дека законот на Славјанка и нa Блерим за бранителите не поминува“, напиша Меџити на Фејсбук.

Изет Меџити министер за екологија Фото. Фејсбук Меџити

Тој на прашање на „Слободен печат“ дека премиерот ги поддржува бранителите и дали ако ВМРО-ДПМНЕ го гласа законот Вреди ќе остане во Владата вели:

– Отсекогаш сум ги поддржувал и ќе ги поддржувам борците на УЧК. Прашањето е како СДСМ, партнерот на ДУИ, кои се бореа за граѓанскиот концепт и што имаат Албанци во нивните редови, предлагаат токму сега закон за бранители. Артан во својство на заменик-премиер потпиша владина одлука за бранителите – ни изјави Меџити.

Од Вреди порачаа дека нема да стојат со скрстени раце додека опозицијата се обидува да ја запали искрата на меѓуетничките поделби за да се спасат од својата политичка корупција. Пратеничката група на Вреди во знак на револт ја напушти собраниската седница. Претходно координаторот на пратеничката група Аднан Азизи побара да се повлече законот.

-Предогот е алармантен и не додавајте бензин во огнот сега кога светот и регионот се во нестабилна состојба и ни се заканува трета светска војна. Ова е резултат и на силите коишто сакаат дестабилизација на регионот со цел да се влошат меѓуетничките односи – рече Азизи.

И владиниот партнер Арбен Таравари е против законот за бранители. Според него, ова прашање е загрижувачко и како владин партнер ќе седнат и ќе разговараат.

– Како партнер мора да седнеме и да разговараме, ако има решение тоа да биде заемно, односно да има решение за двете страни. Ќе направиме напори да го спречиме и ќе разговараме како партнери – изјави Таравари за ТВ Алсат.

Координаторот на Европскиот фронт Блерим Беџети ја обвини Вреди и рече дека тие не смееле да дозволат законот да биде ставен на дневен ред, а ДУИ возврати дека Вреди се заложници на ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Слободен печат

– Поразените пратеници на Вреди првично се изјаснија дека се против и ќе го спречат донесувањето на законот за бранители, ја напуштија седницата, и по телефонскиот повик од нивните сопственици од ВМРО се вратија со свиткани опашки и обезбедија кворум за усвојување на дневен ред сосе законот за бранители. Вреди се заложници на ВМРО-ДПМНЕ. Националното знаме, албанскиот јазик, поранешните војници на ОВК, правичната и соодветната застапеност, балансерот, нè посрамотија пред Косово и Албанија и секое национално достигнување беше прекршено за помалку од 100 дена – велат од ДУИ.

Законот за посебни права на безбедносните сили предлага изедначување на сумата која треба да ја добијат членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили и изедначување на надоместокот за претрпена душевна болка во периодот од 2000 година до денес. Со законот се опфатени семејствата на загинатите или починати припадници на Армијата и министерството за внатрешни работи (МВР), како и на семејствата на загинатите во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце во 2008 година, на загинатите припадници на МВР во авионската несреќа, кога загина и претседатот Борис Трајковски, во хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, во Диво Насеље, во 2015 година и на починатите и загинати во вршење на службени должности во периодот од 1991 до 2024 година. Воен инвалид од Одбрана или МВР, кој остварил право на паричен надоместок согласно закон, да има право на исплата на надоместок само на разликата до висината на сегашниот надоместок. Се бара и еднократното обештетување од 80.000 евра да се исплатува на еднакви делови на членовите на семејството, а доколку родителите се починати, рамномерен дел од надоместокот да добијат браќата, сестрите и другите наследници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот