Законот за амнестија не помина на Влада, ќе има ли средба Ковачевски – Лога?

За законот била отворена дискусија и било заклучено дека тој треба да се усогласи со надлежни институции. По реакциите за измените на Кривичниот законик, и пратеници на СДСМ бараат да се усогласат ставовите за кои дела треба да важи амнестијата, кој сè треба да биде амнестиран, како и за тајмингот за усвојување на законот.
Новиот закон за амнестија со кој треба од затвор да бидат пуштени осудениците на шест месеци и за 30 отсто да им се намалат казните на затворениците за лесни кривични дела, не „помина“ на владината седница, брифираат за „Слободен печат“ од Владата. За законот била отворена дискусија и било заклучено дека тој „треба да се усогласи со надлежни институции“.
Висок владин функционер брифира дека амнестијата не поминала, бидејќи нема коалициска усогласеност меѓу владините партнери. Истиот извор додава дека законот нема да пројде додека министерот за правда Кренар Лога не седне со премиерот Димитар Ковачевски за да се усогласат ставовите на владините партнери СДСМ и Алијанса за Албанците.
За законското решение има отпор и кај пратениците на СДСМ, особено по бурните реакции во јавноста за измените на Кривичниот законик (КЗ). Дознаваме дела се бара да се усогласат ставовите за кои дела треба да важи амнестијата, кој сè треба да биде амнестиран, како и за тајмингот за усвојување на законот.
Иако беше најавено од министерот Лога, Владата не го разгледуваше законот за амнестија ниту минатата недела. Образложението беше дека Министерството го повлекло за дополнително усогласување. Дилемата е и дали Ковачевски со тоа што не дава виза за законот за амнестија му го возвраќа ударот на Лога, кој и по три месеци убедување одби да се потпише на измените на КЗ, по што законот во Собранието го бранеше заменичката Викторија Аврамовска Мадиќ.
„Војната“ помеѓу владините партнери изби откако високи функционери од СДСМ брифираа дека освен амнестија за лесни кривични дела, ако има гаранции од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, со новиот закон треба да бидат опфатени и осудените за „27 април“ како и тие за изборни нерегуларности. Со ова не се согласија од Алијансата, бидејќи поранешниот лидер на партијата, Зијадин Села во „крвавиот четврток“ едвај спаси глава. Пратеникот Халил Снопче во изјава за „Слободен печат“ порача дека ако има амнестија за „27 април“ ќе нема Влада. Во гостување на ТВ 21 поранешниот лидер на Алијансата и пратеник, Зијадин Села вели дека неговата партија не учествувала во преговорите за враќање на поранешниот премиер и бегалец Никола Груевски.
– Треба да бидете актер во овие разговори за да знаете што може да се случи. Алијанса за Албанците не е дел од овие пресметки. Сега се чини дека опозицијата влијаела на претседателот да го амнестира Груевски – вели Села.
Тој додава дека тој лично и партијата би биле заинтересирани за амнестија доколку се намалуваат казните и за други осуденици, како случаите „Монструм“, „Диво Насеље“ и „Алфа“.
– Не би било добро за правната држава ако се амнестираат само политичарите. Да се отвори ова, ќе ме интересира овој случај ако на маса се стават случаите „Монструм“, „Диво Насеље“ и „Алфа – вели Села.
Ова би значело целосна блокада на новиот закон за амнестија доколку нема пазар меѓу двете партии.
Меѓусебните прозивки на актуелни и поранешни партиски лидери за средби со поранешниот премиер и азилант во Будимпешта, Никола Груевски, за договор за Кривичниот законик се толкуваат како дополнителен притисок врз лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да ги поддржи уставните измени со кои Бугарите ќе станат дел од Уставот за земјава да ги продолжи евроинтеграциите. Измените на КЗ и најавите за можна амнестија на учесниците од „27 април“ со кои се прави терен за враќање на Груевски, ќе треба да извршат дополнителен притисок врз Мицкоски уставните измени да поминат. Намерата е Мицкоски да се доведе во ситуација да избира или пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени или Груевски да се врати, по што се очекува поделба на опозициската партија.
По изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски дека ако до него стигне иницијатива за амнестија на Груевски, тој никогаш не би ја потпишал и дека пред осум месеци некои актери од политичката сцена го консултираале за таква можност, ВМРО-ДПМНЕ го прозва да каже кој побарал амнестија на Груевски. Лидерот на ДУИ Али Ахмети во ТВ-интервју обелодени дека тој и поранешните лидери Никола Груевски и Зоран Заев пред три години оствариле низа тајни средби за измените на КЗ, по што експресно беше демантиран и од Заев и од Груевски.
Како што веќе објавивме, измените на КЗ и амнестија за „27 април“ со гаранции од ВМРО-ДПМНЕ се дел од пакетот кој власта го нуди на опозицијата за поддршка на уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ, пак, останува на ставот дека не прифаќа амнестија и дека кога тие ќе дојдат на власт ќе има правда за осудените за „27 април“, но не прецизира како.