Законодавната власт падна на испит

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Додека принудно се одмора собранискиот состав, нека се потсети зошто го доби мандатот. На народот не му требаат драматични говори од собраниската говорница што ќе траат со часови за да едните се препукуваат со другите. И едните и другите се наши избраници – а нивна основна цел е носење квалитетни закони.

Ако учениците или студентите не си ги завршат своите домашни задачи, или ако не одговорат на испитот, ќе добијат негативни оценки. Законодавниот дом има задачи поставени од народот. Потребите за општествена регулација се преточени во законите, што се носат по предлог на Владата, по предлог на пратеници, или ако зад нив се соберат доволно потписи. За многу нешта треба да се изоди долг пат за да се дојде до предлог-закон. Особено ако тоа законско решение не е по волја на бизнис-олигарсите. Ако сепак, има некаково позитивно поместување во полза на работниците, а ако тоа го кочи Собранието, тогаш гревот на оваа институција е уште поголем. Или школски кажано – законодавната власт падна на испитот.

Големо разочарување е да се зборува уште од минатата година за недела неработен ден, по многу „дилеми“ да се одреди и термин – 1 октомври и потоа навреме да не се донесе законското решение. Пратениците отидоа на принуден одмор и тоа поради локални избори, а не поради парламентарни како што би било нормално. И сите закони што долго време чекаа ред, останаа во фиока. Новата битка за да стигнат на дневен ред ќе ја чекаат да завршат локалните избори. Така и недела неработен ден нема да стартува на 1 октомври. Не дека во вистинска смисла на зборот се очекува недела да стане неработен ден, но сепак, за еден дел од вработените ќе значеше дека конечно ќе видат семеен неделен ручек.

Кога ова би била прва неисполнета задача со зададен термин на Парламентот, дури би можело да се каже „ете се случи…“. Но, ваквите случувања стана редовна практика и собранискиот спикер, а и пратениците мора да си го стават прстот на чело и да се запрашаат зошто се во Собранието.

Примери кога паднаа на испит има многу…

Задоцнија измените на Законот за ДДВ, па намалувањето на данокот на додадена вредност за електричната енергија од 18 на 5 проценти место од 1 јули почна да важи од 15 јули. Но, овој „мал гаф“ на пратениците ги чинеше граѓаните. Струјата поскапи за 12,3 проценти од 1 јули, а компензација на тоа поскапување е токму намалениот ДДВ. Но, тоа намалување пристигна по 15 дена, па затоа во сметките на ЕВН половина месец има еден данок, а половина друг.

Да не зборуваме за мерките од економските пакети. Тоа беше вистинско фијаско! Мерките донесени од Владата, чекаа пратениците да престанат да играат политиканство, туку да му служат на народот. Собранието беше затрупано со илјадници амандмани за закони за кои се почна постапката со што ги заглавија матичните комисии. Потоа недостигаше кворум за гласање поради тоа што имаше болни пратеници од редовите на СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ бараше на дневен ред да не се „протнуваат“ други закони освен антикризните. И така повлечи-потегни се носеа законските решенија за мерките, но задоцнето, па за јануари, иако требаше, немаше помош за работодавачите за плати за вработените, а за февруари помошта се даваше дополнително, речиси заедно со мартовската помош.

Додека принудно се одмора собранискиот состав, нека се потсети зошто го доби мандатот. На народот не му требаат драматични говори од собраниската говорница што ќе траат со саати за да едните се препукуваат со другите. И едните и другите се наши избраници – а нивна основна цел е носење квалитетни закони.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот