Закаснетиот шумар во „Пред дождот“ – Слободен печат
Колумни

Закаснетиот шумар во „Пред дождот“

Култниот филм на Милчо Манчевски ‘‘ Пред Дождот‘‘ не потсеќа на една вонвременска проклета порака која ја носиме како генетска клетва. Сите умираме од ‘‘ сопствен куршум‘‘, оној момент кога ќе се издвоиме и ќе бидеме ‘‘Out of The Box” ( вон кутијата / Англ. фраза). Вон племето, роднинството, групата, бандата, друштвото… а сето тоа олицетворено во јавниот свет како политички партии. Политичките партии се сето тоа претходно спомнато какао “All Inclusive”.

И додека ги консумираме последните денови од ‘‘ѓупското лето‘‘, додека сите можни политички, судски, криминални, општествени отворени прашања се ‘‘само што не се решени‘‘ ( ее хее од кога) летаргично влегуваме во есента со некакво ‘‘отупено либидо‘‘ дека нештата ќе си најдат решение. Решенијата секако ќе мора да се изнајдат, ама ние никако да изнајдеме решение самите за себе и за својот ген, натопен во пораката од филмот на Милчо Манчевски.

Двата политички султаната во Р. С. Македонија перманентно диктираат политички амбиент во кој ниту во еден момент не дозволуваат слободата на мислата и говорот да бидат реално, а не декларативно право на поединецот. Ересот наречен ‘‘ чекај бе, можеби и не сме во право‘‘ е најстрого казнив. Преку ноќ ‘‘ те снемува‘‘ ако си малку послободоумен и ‘‘истеруваш правда на виделина‘‘.

Се поставува едно круцијално прашање. Чива е вистината? Кој е сопственикот?

Во чиви раце е разврската која треба да и донесе на Македонија дефинитивен од кон стабилизација и почеток на циклус ‘‘по угорна‘‘ демократска еволутивна линија. Рововите во кои се укопани политичките партии се бастиони од кои секоја ‘‘ глава што штрчи‘‘ ја снемува затоа што ‘‘ја носи вода‘‘ како тоалетна хартија.  Над  полето на кое се води рововската битка се подига чад од рафалот на глупости, на беда, на ‘‘викиншки поклици‘‘, на запенети усти на мегапатриоти, микропатриоти, на врапци кои клукаат трошки и од една и од друга страна.  Чадот смрди на мизерија, а ветрот го разнесува до секој дом, до секој што дише под ова небо македонско. И тука, секогаш ке се појави некој што ке излезе меѓу рововите и ќе вресне ‘‘ доста еееее!!!‘‘. Туку гледаш, паѓа покосен од куршум што доаѓа од ‘‘неговиот ров‘‘ а на куршумот стои порака ‘‘кој си ти да кажеш доста е бе‘‘! Од двете страни од рововите се слуша хистерична смеа. ‘‘Која е оваа будала‘‘?

Македонија во блиска иднина.

Да го напуштиме полето на која се пресметуваат двете ‘‘Чети на самоубијците‘‘ ( Монти Пајтон, “The life of Bryan” ) и да видиме како ке се одвиваат нештата во блиска иднина. Неминовноста да се стави точка на агонијата ке мора да донесе сериозни промени. Ако како што народот вели дека ‘‘рибата смрди од главата‘‘, во првите чекори кои ќе треба да се преземат е елиминацијата на стравот дека ако паднат ‘‘смрдливи глави‘‘ ке падне и државата! На овој народ му е всадено во потсвеста дека ако не се двата султаната и дека ако не се тие ке престанеме да постоиме.

Ма дај молим те! Кој ти рече?

Државата раѓа секогаш нови глави. Арно ама, како ги раѓа, така ги бутка во песок како да се тоа ‘‘ноеви глави‘‘. Така функционираме веќе триесетина години. На површината излагаат единствено оние ‘‘умните глави‘‘  под кои подразбираме послушници, подлизурковци, продолжена рака на проклетијата ‘‘ или си со мене или си против мене‘‘.  Демократија?! Да бе! Што е? Не ти се допаѓа?! ‘‘Мрш од тука‘‘ е пораката!

И така,.. ‘‘мрш‘‘ отиде девеесет посто се што е младо, здраво, право, употребливо, умно, убаво.

Актуелната ситуација во македонската држава незаобиколно потсетува на вицот кога шумарот дошол и ги избркал сите од шумата во која се тепале германците и партизаните. Кој ќе е шумарот во итуацијава? Треба да цртаме дека тоа е меѓународната заедница?

Меѓународната заедница е шумарот кој се запил у некоја кафана и касни да не разбрка од шумата! Да го растера чадот и да го ослободи кислородот кој ни е животно потребен!

Овој народ функционирал само кога се плашел од некого. Од турско време па наваму! Се плашел од разни ‘‘уќумети‘‘ кои ги држеле ‘‘дизгините‘‘ ( оглав на коњ / тур) на секојдневјето. Не дека ние сега не сме веќе директно ‘‘оседлани‘‘ од меѓународната заедница ( не реков ‘‘Кале‘‘), ама ако направиме некаква фигуративна досетка, тоа би изгледало вака: … ‘‘не остаиле сами да си пасеме, ама ние сме се заакале накај реката во која може да се удавиме док‘ си реко‘ КЕКС‘‘.  Ако меѓународната заедница под итно не ни утера страв у коски дека ќе се удавиме у реката ако вака продолжиме, единствената разлика во давењето ке биде тоа што нема да се удавиме во реката, туку во сопствената бљувотина. Во сопствениот измет!

АЛО ШУМАР! КЕ СЕ УМЕШАШ ОЗБИЛНО ДА НЕ СПАСИШ ИЛИ ‘‘ И ДАЉЕ‘‘ ЌЕ СИ ИГРАШ СО НАС ДРНДУПКА ‘‘ ЕЈ, СУПЕР СТЕ‘‘, КО НА МАЛИ ДЕЦА КОГА САКАШ ( ПРОСТЕТЕ) ДА ГИ ‘‘ОДЈЕБЕШ‘‘!

А, народот што прави у меѓувреме? Импровизира живот. Креативност до максимум.

Барем од општа култура, се надевам дека многумина чуле ( ако не читале ) дека има една драма од стружанецот Ристо Крле ‘‘ Парите се отепувачка‘‘. Со текот на времето ова стана дури и фраза на која многу луѓе онака шеговито спомнувајки го , понекогаш го амортизираат чемерот кој го носат во себе си, а кој вели ‘‘ се е во парите‘‘, без разлика што најголемиот ‘‘утешение грешним‘‘ одговор е ‘‘ здравје со пари не се купува‘‘! Дали! Е ај иди у апотека, без пари ни насмевка од апотекарката нема да добиеш. Ама ‘‘ имам рецепт‘‘. Да, чувај си го во џеб!

Балканскиот простор како на ниедно место бележи историја на гурбетчиство во своите јужни краеви во радиус на кого центарот му се овие наши ридишта и пасишта. Сиромаштија. Богатиот Север на сиромашниот Југ секогаш му бил мамка за ‘‘да се спечали и да се донесе дома‘‘. За печалбарството во нашата историја се напишани книги ( генерално тажни), песни отпеани, слики насликани. Ех,.. нашата историја без да се спомне печалбарството не е комплетна историја.

Каква е денес ситуацијата?

Зборот ‘‘печалбар‘‘ стана навредлива категорија во време во кое има многу по модерни фрази. ‘‘Гастајбартери‘‘ беше последната измислена фраза,.. Сега се ‘‘иселеници‘‘, ‘‘на привремена работа‘‘, ‘‘службено отсатни‘‘, ‘‘назначени по служба‘‘. Се е тоа најобичен печалбарски ‘‘Blue Jeans Blues‘‘ за оние кои денес не чекаат на првиот рид да се вратат печалбарите, туку на аеродром. А, од друга страна, не се чека на писмо по месец дена, туку го имаш ‘‘ татка ти‘‘ на Вибер за 2 секунди и тоа од крајот на светот. Дури и срцекинечките испишани зборови се заменети со обично ‘‘Лајк‘‘.  O TEMPORA O MORES.

ШУМАР, ‘‘ НЕ СЕ ЗАЕБААЈ‘‘…. ЕЛАЈ ПОБРГУ! Ние сме навикнати да функционираме по системот ‘‘ вежи коња где ти газда каже‘‘. Не е демократија за деца.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close