Зајакнати безбедносни мерки околу Евровизија – Слободен печат
ВестиПланета

Зајакнати безбедносни мерки околу Евровизија

Музичкиот натпревар е во фокусот на пропалестинските апели за бојкот во знак на протест против израелската политика на Западниот Брег и во Газа, потсетуваат светските агенции.

Додека пејачите се подготвуваат за вечерашниот настап на Евровизија во Тел Авив, израелската полиција формира кордон со висок безбедносен степен околу објектот во кој се одржува фестивалот за да спречи напади или протести на луѓето што ја бојкотираат манифестацијата и ги повикуваат фановите да го игнорираат настанот.

Овогодишниот меѓународен музички натпревар на кој учествуваа 41 земја беше во фокусот на пропалестинските апели за бојкот во знак на протест против израелската политика на Западниот Брег и во Газа, потсетуваат светските агенции.

Никој од финалистите или медиумските покровители не се повлече, но организаторите имаат обезбедување и во халата ако активисти се обидат да го прекинат преносот во живо на финалето или некој од изведувачите да одржи протест на бината.

Под реден број 8 вечерва ќе настапи и нашата претставничка, пејачката Тамара Тодевска со песната „Proud” („Горда”). Aвтори на песната „Proud” се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Придружни вокали се Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев.

Во финалето ќе настапат 26 земји, а ќе можат да гласаат сите учесници односно 41 земја.

Пласман во финалето од втората полуфинална вечер обезбедија и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта, а од првата полуфинална вечер – Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија. Директен пласман во финалето покрај домаќинот Израел имаат Франција, Италија, Германија, Шпанија и Велика Британија.

Како специјален гостин на финалната вечер на 64-та Евровизија ќе настапи 60-годишната поп ѕвезда Мадона.

Тамара Тодевска четврти пат учествува на Евровизија, но првпат како солист. Пред седум години пејачката Калиопи со песната „Црно и бело” настапи во финалето на 57-та Евровизија, што се одржа во Баку, Азербејџан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close