Захариевски: Струга е желна да гледа прволигашки фудбал

фото: F.C. Struga

Струга Трим Лум го освои шестото место оваа сезона во Првата македонска фудбалска лига. Во месец мај беше прилично успешна екипата во шампионатот со учинок од три победи и два нерешени во последните пет кола.

Во последната рунда стружани ремизираа против ланскиот шампион Шкендија (1:1) како добра најава дека има што да каже овој млад и талентиран состав предводен од тренерот Срѓан Захариевски. Во националниот Куп стигнаа до полуфиналето во кое беа елиминирани од Македонија ЃП. Веќе втора година по ред струшкиот фудбал дава резултати и во првенството и во Купот.

– За крај на сезоната одигравме еден квалитетен натпревар против Шкендија. Имаше една завршница која што може да приреди само фудбалот. Постигнавме гол во 93 минута, па примивме во следната 94 минута и така го загубивме тоа петто место во генералниот пласман. Бевме елиминирани во полуфиналето на пенали против Македонија Ѓорче Петров, доколку се направиме резиме, мислам дека клубот имаше успешна сезона, Струга е еден нов, млад тим на фудбалската сцена во нашата земја. Мислам дека и доколку се земе резултатот од минатата сезона со освојувањето на третото место, и полуфиналето тогаш во Купот, сепак се резултати што даваат стабилност – ни изјави Захариевски.

Захариевски верува дека клубот може резултатски уште повеќе да се крене и покаже зошто заслужено се наоѓа на прволигашката фудбалска сцена.

– Верувам и се надевам дека Струга Трим Лум и понатаму ќе напредува, дека повторно ќе бара шанса за излез во Европа. Што се однесува до составот, некои од играчите летово ќе си заминат, на тие места ќе се обидеме да најдеме соодветни замени. Струга е еден стабилизиран прволигаш и мислам дека треба да игра една важна улога во македонскиот фудбал – вели Захариевски.

Фото: F.C. Struga

Во 2019 година Струга за првпат во својата историја обезбеди пласман во елитата како првопласирана во Втората лига – Запад. Во 2019/2020 иако заврши последнопласирана поради ситуацијата со ковид-19 ниту една екипа не отпадна таа сезона. Лани беа на третата позиција, а годинава на шестото место.

– Струга немала некој друг прволигаш, Караорман беше еднаш во најдобрата македонска лига во сезоната 1993/94. Градот е желен да гледа прволигашки фудбал, целиот тој регион нема прволигаш, тргнувајќи од Кичево, Охрид, Струга. Мислам дека заслужува тој регион да има прволигаши, и би сакал трибините да бидат полни, има што да им понудиме – рече тренерот на Струга ТЛ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот