(За)грозен Охрид

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Оставината треба да ја зачуваме заради нас самите, а дури потоа заради УНЕСКО. Севкупна е одговорноста заштитата на природното и културно наследство да биде вистинска, што би било и најголем влог регионот да остане светски признаен туристички продукт.

Дебатите за природното и културно наследство, за кое УНЕСКО укажува дека е загрозено, го наметнаа клучното прашање: што сакаме Охрид да биде – Дубровник или Ибица? Од тоа ќе зависи дали и во иднина Охридскиот Регион ќе биде во опасност. За среќа, охридскиот градоначалник Константин Георгиески е за варијантата Дубровник, односно за неекспанзионистички одржлив туризам. Но лекарот ќе бара лек само до есен, кога треба да се одржат локалните избори. За потоа, не се знае.

Општината, без ресурси и надлежности, меѓу другото, немоќно чека да им се решат илјадниците поднесени тужби од судство во кое неказнивоста е речиси систем. Охрид трчаТ во место, растргнат меѓу потребите и можностите (празната градска каса и големиот долг). Затоа „конзервацијата“ на вредностите треба да ја потпомогне и државата за да не продолжи беспоштедната комерцијализација на сè што е поврзано со езерото, од кои најстрашна е бетонизацијата. Во вид на надградба без стручен надзор на индивидуалните куќи во заштитеното старо градско јадро или изградба на приватни хотели покрај плажите, па дури и во вид на државни проекти за продажба на комерцијални станови, сеедно. Тој процес нема да запре додека во ова подрачје „квадратот“ станбена површина, покрај Скопје, има највисока цена. Сè додека се поттикнува побарувачката за бетон со издавање нови градежни локации, бетонски бази, како таа на локалниот моќник Нефи Усеини, ќе никнуваат преку ноќ на само 300 метри од брегот. Се лакомат дури и локални попови, познати по способностите за хотелски зделки и возење глисери, кои во духовното светилиште сакаат да живеат од мини-хидроцентрала.

Сите гревови кон градот-паметник и престолнина на идентитетот не можат да ги исперат ниту фрлените охридски машини за перење во езерото. На удар се законски заштитениот појас во должина на брегот од Радожда до Свети Наум, биодиверзитетот и културното богатство, природната штедрост на Билјанини извори, Студенчишко Блато, Галичица… Проблемите со регионалната депонија, реката Сатеска, колекторот, со изнаоѓањето простор за марина за растечкиот број пловни објекти… не се решаваат на службени ручеци на кои се јаде пастрмка од криволов или со хедонистичко пиење кафе на платформите над немирната вода.

Натрупаните стратешки пропусти во развојот на крајбрежјето не смеат да бидат изговор. Додека слушаме – треба амбиент, време и пари за да се исправат грешките – времени објекти во прекрасен амбиент „дрпаат“ пари. Оваа власт барем ја спречи реализацијата на умотворбата „парапетче“ на експремиерот Никола Груевски, кој сакаше да носи песок за плажи, да гради коцкарници, да ги впрегне багерите во шума заради автопат или ски-центар. Тогашните неавтохтони палми се сушат, но преживеа поганштината и паганштината од неприродни градби врз велелепните мозаици на бесценетиот Плаошник. Наследството, пак, од турбофолк-кафеани и евтина забава за боксерски мајстори на кејот, не заслужува поддршка од локалните власти поради ситна рента и не се вклопува во културното милје на брендот „Охридско лето“.

Евроинтеграциите ќе донесат засилен надзор на сите процеси и од ЕУ штом не се почитуваат законите. Дивеењето на охридската градежна мафија и на градоначалникот на општината „во која нема дивоградби“, стружанецот Рамиз Мерко, може да го запре само државниот врв. Премиерот треба прв да удри токмак во темелите на грдосијата од недовршениот хотел во Лагадин, а Али Ахмети со бонсек да ја расчеречи конструкцијата на „дивата“ тераса од пицеријата на сопартиецот Нефи Усеини, веднаш покрај прогласениот споменик на природата – илјадалетниот чинар. Само така ќе покажат политичка волја за борба против злоупотребите.

Оставината треба да ја зачуваме заради нас самите, а дури потоа заради УНЕСКО. Севкупна е одговорноста заштитата на природното и културно наследство да биде вистинска, што би било и најголемиот влог Охрид да остане светски признаен туристички продукт. Но, ако парите се трошат за концерти од рангот на Дино Мерлин, нема да престане да трешти рефренот што ни го сервираат властите: „Годинама варала си мееее…“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот