Загинаа 47 лица во чамец, две недели биле без храна и вода

Обединетите нации (ОН) објавија дека починале 47 патници кои поминале скоро две недели на отворено море откако се упатиле од бреговите на Атлантскиот Океан во Северна Африка кон Канарските Острови.

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ) издадоа заедничка изјава во која се наведува дека на 3 август 54 луѓе, меѓу кои и три деца, испловиле од атлантскиот брег во Северна Африка.

Во соопштението се наведува дека чамецот се движел кон Канарските Острови, а по два дена патување, моторот се расипал. Патниците поминале две недели без храна и вода.

Бродот бил пронајден на 16 август од страна на крајбрежната стража на Мавританија, при што биле пронајдени седум преживеани, а било кажано дека загинале 47 патници.

Четири лица, чија состојба е сериозна, се пренесени во болница во градот Нуадибу, на североисток од Мавританија.

Во соопштението се потсетува дека десет лица загинаа на истата рута пред десет дена.

„Како што расте бројот на бродови што се движат кон Канарските Острови, така расте и бројот на загинати“, се вели во соопштението.

Видео на денот