Загадувањето почна навреме, мерките за заштита пак доцнат

Загаден воздух/ фото: МИА

Почнаа и грејната и сезоната на опасно загадување на воздухот. Иако деновиве температурите не се ниски и греењето не е многу изразено, на сите мерни станици во Скопје завчера беше измерено дека дневната концентрација на ситни честички (ПМ10) ја надминала дозволената граница. Во Куманово, пак, воздухот е прекумерно загаден пет дена едноподруго!

Максимално дозволената концентрација на ПМ10, пропишана на 50 микрограми на метар кубен воздух со цел да се заштити човековото здравје, деновиве е надмината и во Тетово, а жителите на Битола, Кичево, Гостивар и Кавадарци не знаат дали дишат здрав или опасен воздух затоа што во тамошните станици не работат инструментите за ПМ10 честички.

Праг на толеранција

Според официјалните податоци на Државниот автоматски мониторинг на квалитетот на воздухот, завчера во Скопје највисока среднодневна вредност на ПМ10 бележи станицата Ректорат – 69 микрограми на кубик воздух, а највисока концентрација во последниве 5 дена е измерена во Куманово на 13 октомври, дури 110 микрограми. Станицата Лисиче во Скопје, која е „најозлогласена“ зашто веќе традиционално регистрира највисоки вредности, веќе цела година не мери ПМ10 честички.

Во Скопје станицата Ректорат покажува дека четири дена едноподруго загадувањето ја надминува дозволената мера. Но, за да има каква било реакција од надлежните, потребно е да бидат исполнети најпрвин прагот на информирање, по што се известува населението за загадувањето, а потоа и прагот на алармирање, по што се преземаат мерки. Прагот на алармирање е поставен на дневна концентрација на ПМ10 од 100 микрограми и тоа во два последователни дена, а алармот оваа сезона ќе се вклучува откако два дена по ред надминувањето на ПМ10 ќе биде над 188 микрограми на кубик воздух и ќе бидат најавени денови без ветер. За аларм во Скопје, пак е пропишано дека дводневното надминувањето од 188 микрограми мора да се случи на најмалку две мерни станици.

За да се исполнат праговите, потребно е да се врши и мерење на концентрациите, а моментно од вкупно 18 инструменти за ПМ10 во станиците низ Македонија не работат седум – Лисиче, Битола 1, Кичево, Лазарополе, Гостивар, Велес и Кавадарци. До скоро не работеа ниту инструментите од станиците Битола 2, Куманово, Тетово и од мобилната станица во Ѓорче Петров, но според објаснувањата од Министерството за животна средина тие се одново инсталирани откако ја поминаа редовната двегодишна калибрација во акредитирана лабораторија во Австрија.

Во врска со инструментите за ПМ10 честички од Битола 1, Кичево, Гостивар и Кавадарци летово надлежните информираа дека се сервисирани и калибрирани и дека се тестираат, а во зависност од резултатите, ќе решат дали повторно ќе ги инсталираат или ќе набавуваат нови. Проблемот во овие мерачи е што кај нив беа забележани осцилации во мерењата поради нивната застареност.
– Осцилациите во измерените концентрации се поврзува со нивната осетливост на атмосферските влијанија – температура, влажност, притисок. Тоа се должи на староста на самите инструменти чија година на производство е 2004 и на радиоактивниот извор вграден во нив, кој има оптимално време на користење во работен режим од 10 години. Во зависност од тоа дали тестирањето ќе биде задоволително или не, овие инструменти или ќе бидат вклучени во системот или ќе мора да се заменат со нови – објаснија летово од Министерството.

Најзагаден воздух

До затворањето на овој број од весникот не добивме одговор од Министерството што покажале тестирањата на овие мерачи и дали ќе се набавуваат нови, како и на прашањето кога ќе се набави нов мерач за станицата во Лисиче.

Загадувањето на воздухот со право предизвикува голема загриженост и страв затоа што според податоците на Европската агенција за околина и на Светската здравствена организација во Македонија секоја година умираат по 3.060 лица од изложеноста на најситните честички ПМ2,5. Новите бројки беа објавени во јануари во заедничкиот ревизорски извештај на Европскиот суд за ревизија за квалитетот на воздухот во 15 држави. Оваа ревизија донесе серија забелешки за мониторингот на воздухот во Македонија, за кој беше заклучено дека не обезбедува комплетни и релевантни податоци.

И Владата во својот документ План за чист воздух, наведе дека имаме најзагаден воздух во Европа кој годишно троши по 300 милиони евра само за лекување на луѓето и за 2019 и 2020 година предвиде комплетна замена на сите инструменти во станиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот