Загадување има-казни нема

Загадувањето во Скопје веќе одамна не е сезонско, односно високите концентрации на ПМ 10 честички во воздухот не се резервирани само за зимските месеци. Загадување има, ама казни нема, покажуваат податоците од анкетата за состојбите со инспекциските надзори на локално ниво на д-р Христина Оџаклиеска од Агенцијата за планирање на просторот. Според анализата, во општините Аеродром и Гази Баба изминатава година не е изречена ниту една казна за загадување на воздухот, додека најмногу, 20 казни изрекле инспекторите од Центар. Кај 50 проценти од испитаниците не е спроведен вонреден инспекциски надзор, а најмалку редовен надзор вршеле инспекторите од Карпош.

„Поразителен податок во борбата против загадувањето е и непрофесионалното вршење на инспекцискиот надзор. Додека во земјите од Европската Унија инспекцискиот надзор трае 6 дена, во Македонија на инспекторите им требаат од 30 до 60 минути да утврдат дали еден објект загадува или не, што е апсолутно неприфатливо“, вели Оџаклиеска.

Непрофесионалната работа на инспекторите, неизлегувањето по пријава на граѓани, или пак несоодветно санкционирање загадувачи ќе биде казнето. Раководителот на инспекторатот за животна средина на Град Скопје, Мирослав Богдановски ги повика граѓаните доколку сметаат дека има основ за пријава, преку Архивата на Градот да го пријават инспекторот кој не си ја извршил работата како што треба.

„Со цел поефикасна работа на инспекторатот, предвидени се обуки за спроведување на Законот кој многу често претрпува измени. За таа цел издвоени се 1.2 милиони денари“, рече Богдановски, потенцирајќи дека инспекторатот во моментов функционира со 3 искусни инспектори и двајца нови кои самостојно уште не можат да вршат надзор.

Дежурните екипи ќе бидат опремени и со опрема на гаснење пожар.

Најважно, според Богдановски е граѓаните пријавите директно да ги доставуваат до инспекторатот на Град Скопје, а не преку објавување на социјалните мрежи, за што ќе биде промовирана и телефонска линија.

Неспроведувањето на законските мерки, не само што им овозможува на големите загадувачи непречено да го загадуваат воздухот, туку ја намалува и мотивацијата кај граѓаните самоиницијативно да се приклучат кон акциите за собирање отпад, смета Лилјана Поповска.

„Да се исчисто една локација е значаен проект, но не придонесува значително во борбата против амбиенталниот воздух. Граѓаните сами не можат да направат многу, и тие тоа го знаат, затоа и ги бојкотираат акциите за чистење кои се организираат. Државните органи се тие кои можат да направат значителен чекор напред, и веќе крајно време е да видиме дека се грижат за иднината на нашите деца, вели Поповска.

Дека грижата за животната средина останува само на организирање дебати и конференции зборува и фактот што средствата наменети за лабораторија биле потрошени за купување службен автомобил.

-Немањето акредитирана лабораторија во која ќе се извршуваат испитувања за степенот на загадување е дополнителен проблем за кој неодамна се обезбедија пари, но веднаш потоа истите средства се пренаменија за купување луксузен службен автомобил, открива Поповска.

Намалување на загадувањето нема да има доколку не почне да се пријавува корупцијата, да се обезбеди акредитирана лабораторија за испитување на загадувањето, да се зголемат казните за направени прекршоци и додека не се подобри граѓанската еколошка свест, се заклучоците на Инспекторатот за животна средина на Град Скопје, Министерството за животна средина и граѓанските еколошки здруѓенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот