Зафиров: Шансата треба да ја бараме против Финска и Белорусија

фото: ОФМ

Освен редовните тренинзи, нашите одбојкари ја темпираат формата и преку пријателски натпревари. Досега двапати тестиравме во Скопје со Шведска со пораз од 3:2 и победа со истиот резултат, како и два порази од Романија со 3:0 и 3:2 на нејзин терен во Крајова.

Следува нова серија на контролни мечеви, настапот на 43 издание на традиционалниот турнир „Бранко Хаџииљакоски – Чајка“ во главниот град на кој ќе учествуваат Бугарија, Украина и Белгија.

Поранешниот македонски одбојкарски репрезентативец со над 100 настапи во сениорскиот дрес и моментно тренер на школата „Мастер Волеј“ на ниво на Општина Аеродром, Виктор Зафиров за „Слободен печат“ го сподели своето размислување пред настапот на нашата најдобра селекција на континенталниот собир:

– Шансата за тоа четврто место за пласман vo следната фаза би требало да ја бараме на дуелите со Финска и Белорусија. Секој поен, секој освоен сет на сите мечеви од групната фаза ќе биде многу важен и значаен за нас. Мислам дека ќе се тактизира многу, сигурно ќе внимаваат и играчите да не се трошат многу и да се фокусираат за оние побитни мечеви во остварувањето на целта. Воедно мораме да бидеме реални во амбициите, верувам дека селекторот Матијашевиќ преку самите тренинзи и контролни натпревари ја бара најдобрата постава. Меѓу фаворитите за највисок пласман се Русите, Италијанците, потоа Бугарија која што е предводена од Пранди, не смее да се отпише Србија, потоа Франција, а на овој шампионат мислам дека ќе има што да каже и Германија – ни изјави Зафиров.

Без сомнение на ЕП се очекува повторно многу топки да одат кон Никола Ѓорѓиев, кој воглавно реализира поголем дел од поените но и останатите треба да придонесат во остварувањето на позитивни резултати.

– Мислам дека и Александар Љафтов ќе биде доста активен на натпреварите и кој може да придонесе, а може да се спомне и Ристо Николов кој станува збор за еден добар среден блокер.  Секако битни се примачите, се согласувам со селекторот доколку имаме лош прием, тогаш ќе биде и тешко да се организира самиот напад. Севкупно мислам дека сите играчи кои ќе добијат шанса ќе го дадат максимумот. Освен тоа, мислам дека треба да размислуваме за доброто на одбојката, да се развива овој спорт. Да се тргне од помладите категории во машка и женска конкуренција, да се крене свеста и ја вратиме одбојката на правиот пат. Во кроењето на една добра одбојкарска база, исто така важно е да имаме и квалитетна домашна лига.  Без разлика на се, им посакувам на момците се најдобро на ЕП,  и по завршувањето на континенталниот собир треба да се остане со мислите како ова да се одржува во континуитет и се работи организирано и плански на одбојкарски план – додаде Зафиров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот