Заев задоволен: Наплатата на ДДВ е подобрена, преговараме со девет нови странски компании за инвестиции

Македонската економија е стабилна и се движи во добра насока. Во втората половина на годината очекуваме да се вратиме на нормалниот раст, порача денеска премиерот Зоран Заев од собраниската говорница.

Одговарајќи на пратеничко прашање, Заев посочи дека кредитниот рејтинг на државата е потврден од агенцијата „Стандард и пурс”, а во моментот се преговара со девет нови странски компании. Фабриката за кабли во Неготино е купена од турска компанија, а „Дрекслермаер” е пред одлука за нова инвестиција со нови 2.000 вработувања, додека „Кромберт и Шуберт” имаат целосно нова линија за Мерцедес со што ќе се ангажираат дополнителни 1.600 работници и најверојатно се пред одлука за отворање на втора фабрика во земјава.

Заев очекува дека петтиот пакет мерки кој, како што рече, е насочен кон закрепнување на економијата, да даде дополнителни резултати. Изрази задоволство од досегашната реализација на даноците кои во февруари бележат пораст во однос на истиот период лани.

– Последните месеци е евидентен растот на индустриското производство, а раст покажува и трговската размена. Во пораст се и приходите во буџетот. Данокот на додадена вредност од 1 до 24 февруари годинава во бруто износ е 4.615.574.000 милијарди денари, а истиот период лани кога немаше криза е 3.946.456.000 милијарди денари или е за 17 проценти подобра наплатата на бруто износот на данокот на додадена вредност, истакна Заев.

Премиерот додаде дека данокот на личен доход во истиот период е за 6,5 проценти повеќе, а наплатата на данокот на добивка е 10 проценти повеќе во споредба со лани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот