Заев: Забегуваат политичарите после два мандати, долгото седење во власта направи богови од ДУИ (ВИДЕО)

Концептот „Едно општество за сите“ започна со нападот на 27 април, но недоволно завршен поради спречувањето од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Верувам дека во ИЕ6 ќе ги победиме ДУИ и Алијансата со еден пратеник повеќе, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев при денешното гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Според него, долгото седење во власта на ДУИ, резултирало со статус на богови во одредени сегменти.

– За мене е успех ако ги победиме ДУИ и Алијанса во ИЕ 6, макар со еден пратеник повеќе. Ние ќе имаме 6 или 7 пратеници, а тие ќе имаат пет. Ние имаме граѓански гласови, а тие калкулираат само со албанските. ВМРО-ДПМНЕ пак се осврнува на Македонците. Нема што да бараат повеќе од два. Македонија е мултиетничка држава, ние сме со граѓаните, не со етникумите. Се додека сме насочени кон овој проект, ние ќе победуваме – рече Заев.

Според него, предизборната реторика на ДУИ само покажала колку и било тешко на владината коалиција во изминатите две и пол години.

– Реториката на ДУИ е легитимна, а таа беше причина да си ги отвориме срцата и да кажеме колку беше тешко изминатите две и пол години. Тешко е и за нив. Со нив работам, има таму многу чесни, ама проблем се годините власт кои на одредени сегменти ги направиле богови. Држеле обвинение во некои фиоки а наместо обвинет, некој станал бог. Здраво е за државата и за секоја политичка партија која била толку време на власт, да оди малку во опозиција. Да има малку освежување, со нови елани, нови сили и енергии. Јас сум првиот Македонец комплетно растеретен од етничката припадност и ова не го зборувам поради идејата премиер Албанец, потенцираше лидерот на СДСМ.

Воедно тој најави промени во кадровскиот потенцијал, а во домашниот фокус, очекува во наредните четири години економијата да се најде на врвот.

– Големите прашања и дома и надвор завршија. Со соседите сме пријатели, очекуваме само помош и поддршка, а доминантно сега, во наредните четири години ќе се кршат копјата на домашен план, да се види кој го бива а кој не. Нема веќе Грција, Албанци-Македонци, туку ќе ја креваме економијата. Големи одлуки донесовме, имавме ставови, знаевме да се корегираме, сега овие наредни четири години ќе бидат предизвик за кој верувам дека можеме да бидеме супер земја, која ќе има голем економски стандард. Имаме свои ресурси, работлив народ и потенцијали. Имаме пријатели пред нас и верувам во заеднички успех, порача Заев.

Осврнувајќи се на делот со предизборната кампања, посочи дека ја очекувал црната кампања, но не до толкава мера, бидејќи истражувањата покажувале дека граѓанинот бара визија и понуда, а не негативна кампања.

– Очекував дека ќе има дел црна кампања знаејќи ја матрицата на опонентот, но не до толку. Секое истражување покажува дека луѓето не сакаат црна кампања, сакаат понуда и визија. Постојанотот занимавање само со Зоран Заев кажува дека немаат доволно понуда, но тоа не може да се спречи. Верувам само ќе им одземе гласови на нашите опоненти, а не дека ќе им донесе нешто, изјави Заев.

Тој верува дека пораките на коалицијата „Можеме“ допираат до граѓаните и дека им е важна придобивката, а од друга страна, вели Заев, опонентите сакаат да ги избришат помалите етнички заедници во државата.

– Ние сме граѓанско општество, државата е на сите. Ја дигнавме алармноста преку идејата за едно општество за сите. Граѓаните треба да бидат еднакви. Не сакаме потпалување на национализам, изјави Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот