Заев: За мене немаше мирно море

фото Архива

Под мотото „Нова политика, СДСМ прв во промените“, се одвива 26. Конгрес на СДСМ. Лидерот на СДСМ Зоран Заев го отвори, при тоа велејќи дека во изминатите четири години СДСМ носи државнички историски одлуки за нашата татковина гордо исправена чекори по европскиот пат. Тој посочи дека успесите на државата се заеднички со народот.

– СДСМ е државотворна партија на независна Македонија и е гарант за сигурна иднина на нашата Северна Македонија. Тој епитет државотворна партија сме го потврдувале повеќе пати. Не беше лесно, пред нас стоеја сериозни предизвици, но заедно со вас успеавме. СДСМ, наш, СДСМ мој, ти си гордост, а ние сме горди што сме дел од државотворна демократска европска партија посветена, пред сѐ, на граѓаните и државата. Нема ништо поважно од тоа. 11-те години под режимот на ДПМНЕ оставија големи последици. Наследивме опустошена држава, меѓународно изолирана, со суспендирана правда, а слободата и демократијата погазена. Во таков момент заедно одлучно газевме по улиците, во борба за слобода правда и демократија. Излеговме со нов концепт враќање на парите кон граѓаните, со постојана борба со режимските наследници со одлучно воспоставување на правна држава едно општество за сите. Го срушивме режимот на ВМРО-ДПМНЕ кој ја држеше државата во заложништво, рече Заев.

Според Заев со трпение, мудри одлуки и борбеност заедно со граѓаните СДСМ ги доби сите битки во изминатите 4 години. Како партија никогаш не калкулираме со политичкиот рејтинг за националните прашања, поведувајќи го народот кон решавање на повеќе децениски прашања кои ја загрозуваат нашата иднина.

– За нас, за мене, немаше мирно море, туку само постојана битка за доброто на нашиот народ. Ние од почеток се боревме на два фронта. На надворешен план мораше да ги решаваме прашањата кои никој не ги решавал 30 години. Решаваме прашања за кои популизмот носи побрзи политички поени, но истовремено но без иднина за следните генерации. Храбро го решивме спорот со Грција и тие се сега нашите најсилни поддржувачи, го потврдиме македонскиот идентитет, заедно со македонскиот јазик. На внатрешен план ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата која прави сѐ да ги спречи реформите и да нема правда, која блокира кочи и го поткопува секој чекор кон подобро живеење. Сите години водевме борба против режимот, за подобар живот за повеќе пари кај граѓаните, борба за безбедна иднина за НАТО и ЕУ, рече Заев.

Тој ја повика опозицијата да не го кочи проектот за нов клинички центар. Во отчетот за сработеното тој рече дека веќе нема недопирливи, бидејќи дојдовме до точка да ги заокружиме суштински реформи преку ефикасно и објективно прочистување на судството.

– На браникот на криминалот стоеше опозицијата. Законот за Јавното обвинителство го донесовме во Собранието. Како резултат на тоа, предметите на СЈО се живи и ќе добиваат судски разрешници. Ние влечеме напред, а ВМРО-ДПМНЕ кочеа. Но, ние сме посилни бидејќи имаме јасна цел и јасен став. Затоа успеавме дури и нив да ги повлечеме напред, во овие 4 години, рече Заев.

Денеска СДСМ ќе избира 120 кандидати за ЦО од кои 60 се жени. Во Надзорниот одбор ќе се избираат 9 членови. Во новото раководство 35 % се млади, повеќе од две третини се нови членови.

– Пред новото раководство се бројни предизвици, започнува процес на нова политика во кој СДСМ ќе остане прв во промените. Следува голема политичка акција на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, рече Заев.

Промените, според Заев ќе се реализираат преку 5 клучни столбови, обновување на досегашната кадровската понуда, но без откажување од претходните, целосно ангажирање на капацитетите во борба против корупцијата и криминалот, охрабрување на различно мислење и почитување на туѓи ставови, градење на СДСМ за новото време поточно млад СДСМ и поттикнување на мотивацијата на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот