Заев за дел од петтиот пакет мерки: Бришење на камати на граѓаните кон институции и претпријатија, долговите на 12 рати

Премиерот Зоран Заев попладнево во Собранието, одговарајќи на пратенички прашања, сподели дел од мерките што се предвидуваат со петтиот пакет за поддршка на граѓаните, на работниците, на стопанството и на економијата.

Една од мерките, како што рече, е бришење на сите камати што граѓаните ги имаат кон државните и кон општинските институции за долгови постари од три месеци под услов да си го регулираат долгот што го имаат на 12 рати.

– Тоа значи за вода, за парно, за даноци кон државата, кон станбени претпријатија, кон водостопански претпријатија, се. Најмногу се погодени граѓаните кои дефинитивно не можеле да постигнат за редовно плаќање на сметките. Целта ни е не веднаш да го вратат долгот, туку да склучат договори на 12 рати, тоа веројатно ќе го доразработиме со ратите, но и комплетно да ги избришеме каматите, рече Заев, додавајќи дека намерата е да ги избришат сите камати за долговите кои се за физичките лица и оти со законско решение тоа е возможно.

Во втората фаза, додаде, сакаме да ги помогнеме најсиромашните, односно тука ќе биде димензиониран вториот сегмент од петтиот пакет. Третиот ќе биде за поддршка на економијата.

– Ќе предложиме еден пакет преку Банката за поддршка на развојот со грантова шема да дадеме безкаматни кредитити за сите погодени од кризата, посебно најтаргетираните, каде што ќе поттикнеме да покажат позивитен успех на крајот на 2021 година. Ако дадеме 10.000 евра грант ќе продуцираме да покажат позитивен успех во 2021 за да мотивираме развој, рече Заев.

Посочи дека ги таргетираат и хотелите надвор од туристичките места за кои сакаат да дадат грантови или одредени мерки, а најави дополнителна мерка и за тутунот. Угостителските објекти и транспортот на патници, додаде Заев, се директно загрозени од мерките на Владата, и тука ќе развијат дополнителни пакети на мерки.

Во однос на медиумите, рече дека, исто така, се директно погодени бидејќи плаќаат 49,5 милиони денари годишно за концесии што треба да ги подмират до крајот на февруари.

– Целта е Владата, без какви било интеракции со медиумите, да помогне кај АВМУ, а АВМУ ако може да ги ослободи медиумите од таа концесија што е купче од речиси 50 милиони денари за сите медиуми, заклучи Заев.

Тој додаде дека се во завршна фаза на отворен дијалог со синдикатите, со коморите, со социјалниот совет и сите заинтересирани граѓани да се развие петтиот пакет мерки кој, како што рече, ќе даде резултати во овие услови.

Одговарајќи за економската состојба во државата и за реализацијата на капиталните инвестиции во земјава, Заев нагласи дека во 2020 година, кога целиот свет е пандемија, „ние имаме едни од најдобрите резултати на европскиот континент“.

Десет странски компании заинтересирани за хидроцентралата „Чебрен“

Во делот на енергетиката, Заев рече дека за првпат има заинтересирано 10 големи компании за хидроцентралата „Чебрен“.

– По 30 години зборување за овој проект да успее, „Чебрен“ ќе успее, затоа што ја имаме најголемата француска, двете најголеми австриски, најголемата грчка, најголемата шпанска, една турска, две кинески и други европски компании, вкупно 10 од кои девет ја поминаа првата фаза. Проектот е вреден 800 милиони евра. Проектот е џиновски, го подигнува БДП, создава нова регионална батерија во делот на балансирање на енергијата во целиот регион и огромно производство, преку 300 мега вати на хидро-енергија. Се работи за комплетно еколошки сработен проект, рече Заев.

Тој ја повика опозицијата заеднички да застане зад проектот за Клинички центар во Скопје, за кој, како што рече, обезбедена е локацијата, донесен е урбанистичкиот план, се изведува инфраструктура, водовод, пристапен пат, гас, напојување, а има интерес од познати инвеститори.

– Да застанеме заедно зад стратешките интереси. Нашиот народ знае кој ги прави овие блокади во Парламентот и колку тоа чини за економскиот стандард. Апелирам да им служиме на граѓаните и на државата, повика Заев во Собранието, каде е во тек седница посветена на пратенички прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот