Заев за членството во НАТО: Тоа носи позитивни ефекти за безбедноста на нашата земја и целиот регион - Слободен печат
ВестиМакедонија

Заев за членството во НАТО: Тоа носи позитивни ефекти за безбедноста на нашата земја и целиот регион

Како нова земја - членка на НАТО, истакна Заев, се надевам дека ќе се приклучиме формално и целосно до крајот на годината, иако години наназад учествуваме во реализација на НАТО целите и мировните мисии.

Како следна 30- та земја во Алијансата сериозни сме да бидеме достоинствена членка, а со ваша помош и поддршка одговорно се поставуваме во чекори и со најновите и најсовремени безбедносни системи, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на денешната презентацијата на „Дигитализација на системот за менаџирање на кризи” во организација на Центарот за управување со кризи и НАТО.

Како нова земја – членка на НАТО, истакна Заев, се надевам дека ќе се приклучиме формално и целосно до крајот на годината, иако години наназад учествуваме во реализација на НАТО целите и мировните мисии.

Информира дека дваесетина земји членки на НАТО веќе го ратификуваа протоколот за пристапување и најави дека во уште неколку држави во тек е процедурата за ратификација.

Премиерот Заев изрази надеж дека целиот процес ќе биде комплетиран до декември 2019 година на Самитот на НАТО, кога ќе се одбележи 70 годишното постоење со 30 земји членки. Смета дека ако Република Северна Македонија стане 30 членка на Алијансата, тоа ќе биде добра порака за политиките на отворени врати за другите земји кои имаат ваква инспирација.

– Интеграцијата во НАТО ќе има огромни позитивни ефекти за безбедноста и просперитетот како на нашата земја, така и на поширокиот регион. Почетокот на овој процес веќе дава резултати и на економски план, со над 700 милиони долари странски инвестиции и уверен сум дека вистинските перспективи за Северна Македонија и за регионот допрва доаѓаат – рече Заев.

Оваа Влада, тврди тој, го прави потребното преку програмата за продолжување на реформите за да се постигне целосна и фактичка интеграција во НАТО. Тоа подразбира, наведе Заев, и подготвеност на институциите за функционирање на безбедносните и одбранбените системи согласно највисоките стандарди на НАТО. Додаде дека тоа го овозможува и дигитализацијата на системот за управување со кризи и имплементацијата на следната генерација на систем за управување со инциденти во државата, со што се зајакнуваат капацитетите на Центарот за управување со кризи.

Информирајќи дека финансиските средства за целиот проект се обезбедени од страна на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност”, Заев посочи дека имплементацијата нема финансиски импликации врз институциите во нашата држава.

Утврдено е, подвлече, дека целосната имплементација на проектот ќе се реализира до 1 декември 2020 година, што значи дека нашата држава како 30 – та членка на НАТО ќе има современ дигитален систем за управување со кризи.

Тој се осврна на дел од она што Владата досега го има имплементирано, како што се Стратешкиот одбранбен преглед во јули 2018 година, како основа за развој, трансфопрмација, модернизација и функционирање на националниот систем на одбрана.

Се работи на долгорочен план за реформи во одбраната 2019-2028 година, потсети Заев, а зголемено е и учеството на нашата Армија во НАТО мисијата во Авганистан. Со владина одлука се зголемуваат средствата за одбрана за 0,2 отсто од БДП секоја година и има силна политичка волја, рече премиерот, тие да достигнат 2 проценти од БДП пред 2024 година. Заев додаде дека како идна земја членка на НАТО сме подготвени целосно да ги споделиме должностите и одговорностите за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.

– Сите со нетрпение чекаме да ве поздравиме како 30 – та земја членка на НАТО, а се надеваме дека тоа ќе се случи на самитот на 70 годишнината во декември, – рече меѓу другото во обраќањето помошникот генерален секретар на НАТО за новите безбедносни предизвици, Антонио Мисироли.

Тој истакна дека Северна Макеоднија е посветена на продолжување на реформите во безбедноста и одбраната.

NICS апликацијата претставува дигитализација на Системот за управување со кризи и овозможува командување со ангажираните ресурси (единици, тимови и МТС) во рамките на секоја институција од Системот за управување со кризи, меѓуресорска координација, соработка и комуникација помеѓу институциите ангажирани на справувањето со инцидентите, кризите и кризните состојби, и размена на податоци и информации (текст, слика и видео содржина) во реално време.

За имплементацијата на NICS – Next Generation Incident Command System – NATO SPS Projekt (Следна генерација на Систем за управување со инциденти) во Република Северна Македонија, на заедничка прес-конференција денеска ќе зборуваат директорот на ЦУК Агрон Буџаку, професорот на Универизтетот МИТ во Масачусетс САД Грегори Хоган и ко-директорот на NATO SPS Project Урим Вејсели.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close