Заев во Чаир: Се грижиме за сите, со проекти на дело, еснафот ќе добие нови шанси за бизниси

Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, придружуван од кандидатот за градоначалник на Град Скопје на коалицијата „Најдоброто за мојата општина” Петре Шилегов и носителките на листите за советници на Град Скопје, Софија Пејкова и на Општина Чаир, Марија Кондовска попладнево се сретна со жители на Чаир.

– Овде сум во Чаир, за лично да ви порачам, дека рамномерно ќе продолжиме да инвестираме во секоја општина, бидејќи и вие знаете, дека така работи Социјалдемократскиот сојуз – преку грижа за сите граѓани, со проекти, на дело. Секој од овие кандидати е подготвен и мотивиран да работи за Најдоброто за Чаир, а ние како централна власт ќе продолжиме да поддржуваме капитални проекти и инвестиции кои го унапредуваат квалитетот на живот, истакна Заев.

Тој посочи дека СДСМ знае дека во Чаир живеат луѓе домаќини, чувари на старата скопска култура, но и луѓе еснафлии, кои негувајќи го еснафот – ни ја чуваат традицијата, вредно работат и независно од заработувачката, одлучно ја предаваат на новите генерации како безвременска вредност и тоа ќе биде и понатаму и почитувано и финансиски поддржано.

– Најавувам поддршка за отворање нови бизниси во сите општини. Ова ќе биде од големо значење и за Чаир. Ќе бидат утврдени потребите на граѓаните во одреден реон, маало или населба, а општината планирано е да понуди субвенции, за да се отворат токму локално дефицитарните бизниси. Така ќе бидат обезбедени потребите на граѓаните. Но ова е и шанса за младите луѓе и за луѓето со идеја, да развијат бизнис, рече Заев, кој констатираше дека со тоа се отвора можност и за промоција на Чаир во областа на туризмот.

Заедно со граѓаните, како што соопштуваат од СДСМ, беше констатирано дека Чаир е мост на соживотот, општина во која се наоѓаат најстарите населби во Скопје, коишто денеска се мост меѓу сеќавањата за старо Скопје и модерното време и дека Чаир го заслужува Најдоброто и ќе го добие на претстојните избори на 17 октомври.

– Чаир, знам дека ќе каже Не за оние кои рушат мостови, делат, не почитуваат различности, кои се грижат само за своите џебови и интереси, а за тоа се подготвени сите да ги доведуваат граѓаните и државата во закана, ризик и опасности. Чаир нема да дозволи некој да нè врати назад во темното минато, кон поделбите и национализмот. Чаир ќе продолжи да го живее концептот Едно општество за сите, со тоа што ќе го избере Најдоброто за општината” рече меѓу другото во разговорите со граѓаните, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Извор: МИА

Видео на денот