Заев во Борисов гледа фактор за решение

Можно ли е да се направи пробив во евроинтеграцијата на Македонија кон ЕУ по последните позитивни сигнали во Брисел за враќање на Западниот Балкан на агендата и во јуни, на истекот на португалското претседателство, да се усвои преговарачката рамка, или за такво нешто нема доволно време?

Повеќе фактори се во игра, освен добра европска волја, ќе биде потребна согласност и од идната бугарска влада чие формирање се очекува кон крајот на април или во мај. Според премиерот Зоран Заев, има шанси до јуни да се постигне решение за спорот со Бугарија, за што важен фактор е актуелниот бугарски премиер Бојко Борисов да добие нов мандат од бугарскиот народ, кој би бил четврти по ред. Според експертите, пак, не е можно отсега да се предвиди што ќе се случи до крајот на април и да се процени дали на самитот на ЕУ во јуни ќе се усвои рамката и Македонија конечно ќе ги почне преговорите со ЕУ.

Заев: Заедништвото овозможило да се создадат двата народа

Премиерот Заев гледа чин на пријателство во гестот на Борисов, кој завчера, по кратката средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи, на софискиот аеродром порача дека треба да се најде решение затоа што „хероите што загинале за слобода сонувале да бидеме заедно, а идните генерации нема да ни простат“.

– Ја поздравувам упатената порака дека навистина имаме заедничка историја помеѓу двете држави и двата народа, и тоа е суштината на Договорот за пријателство, и навистина, тоа заедништво низ историјата што сме го имале овозможило да се создадат двата народа, двата јазика, да се афирмираме со конечна цел да постигнеме заедништво на европската агенда, кое веќе го имаме во НАТО-агендата – рече Заев.

Премиерот нагласи дека наша аспирација како македонски народ со сите етнички заедници внатре е целиот Балкан да биде во ЕУ и сите заедно да бидеме силни, да ја унапредиме економијата, трговијата и стандардот. Според Заев, досегашната историја е важна, но важна е и историјата што денес се пишува за идните генерации по нас.

– Јас му посакувам на бугарскиот народ мудра одлука на претстојните избори, да одлучат онака како што мислат дека е најдобро за нив, а по изборите јас очекувам да имам и средба со бугарскиот премиер за да можам понатаму јас, работните групи и министрите за надворешни работи да продолжиме во изнаоѓање на ова решение. Знам како Борисов ги проектира идните наши односи и дека сака да ја почитува целосно волјата на бугарскиот народ и верувам дека ако биде избран за премиер, ќе биде еден од главните чинители за изнаоѓање решение што ќе биде навистина задоволително и среќна околност за двете страни, пред сѐ, фокусирано кон иднината – нагласи Заев по промоцијата на програмата, со која ќе се кандидира на внатрепартиските избори в недела.

Кацарска: Наједноставно е без ВМРО во идната бугарска влада

Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика, во овој период сигналите за Македонија се попозитивни и од ЕУ и од Борисов, но тоа не ја намалува големата неизвесност.

– Во ЕУ има позитивни исчекори за враќање на Западен Балкан на агендата за одлучување. Пред јунскиот одлучувачки самит не може да се очекува ништо значајно, но ситуацијата најмногу ќе зависи од развојот на настаните по изборите во Бугарија. Во јуни идната бугарска влада ќе биде на почеток на мандатот и ќе има простор да носи одлуки, па можно е да има смирување на реториката и некаков исчекор. Но, не треба да се очекува премногу, затоа што официјалната позиција и на власта и на опозицијата во врска со Македонија им е речиси иста. Ситуацијата ќе биде поедноставна ако во идната влада ја нема партијата ВМРО. Далеку од оптимална, со сепак поедноставна – вели Кацарска за „Слободен печат“.

За евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, најдобро решение и најдобриот пат напред е да се удвојат напорите помеѓу двете земји за да може да се дојде до договор.

– Јас ја разбирам фрустрацијата поради непочнувањето на преговорите со вашата земја. Во таква ситуација и во такви околности, најдоброто решение и најдобриот пат напред е да можат да се удвојат напорите помеѓу двете земји за да може да се дојде до договор кој ќе биде прифатлив за С Македонија и за Бугарија. Се разбира, тоа и го прават С Македонија и Бугарија, тие се ангажирани цело време на начин да можат да дојдат до заемно прифатливо решение, заемно прифатлив договор – рече Гир.

Казни од 7.000 и 5.000 евра за палење на бугарското знаме

ОЈО Струга за „повреда на угледот на странска држава“ парично ќе казни тројца граѓани затоа што на карневалот во Вевчани го запалија бугарското знаме. Обвинетите на 14 јануари за време на самоиницијативниот собир на граѓани, по повод верскиот празник Св. Василиј во Вевчани, „со намера за исмевање јавно го изложиле на подбив знамето на Република Бугарија“. Еден од нив го запалил знамето, а другите двајца го кревале и мавтале со запаленото и подгорено знаме, соопшти ОЈО.

Јавниот обвинител за првообвинетиот предложил парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 70 евра, а за другите двајца обвинети 100 дневни глоби од по 50 евра во денарска противвредност. Палењето на знамето предизвика жестоки реакции во Бугарија, кои овој чин видоа уште еден доказ за говорот на омраза кон нивната земја.

ИФИМЕС: Бугарски „десант“ на Македонија со европски пари

Соочена со сериозните закани од новите партии, владејачката бугарска партија ГЕРБ се обидува да ја зачува постојната коалиција со ВМРО-БНД, поради што интензивно помага на националистичката реторика на ВМРО-БНД и нејзиниот контроверзен претседател Красимир Каракачанов, кој се бори да го премине изборниот праг. Тоа се гледа во фактот дека на Каракачанов во изливот на национализам кон соседна С Македонија активно и оркестрирано му помага министерката за надворешни работи Екатерина Захариева од ГЕРБ. Бугарскиот „десант“ на С Македонија делумно ги врати Борисов и Каракачанов во игра, бидејќи политички беа речиси отпишани, пишува Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана.

Во анализата проблемот на актуелниот однос на Бугарија кон Македонија се гледа и во „руското татковство“ на бугарската држава со Санстефанскиот договор од 1878 година. Навраќајќи се на историјата, анализата потсетува на негирањето на правата на етничките Македонци во Бугарија, како и на потребата ЕУ да ги испочитува своите вредности во однос не само на тоа малцинство, туку и на Македонците воопшто, посебно поради фактот што годишно на Бугарија ѝ дава три милијарди евра, па со тоа станува соучесник во антиевропското однесување на Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот