Заев: Во 2020 година за регионален развој издвоивме сто отсто повеќе средства од 2017 година

Децентрализацијата на власта е еден од клучните, суштински придонеси за обезбедување на кандидатскиот статус на земјата за членство во Европската Унија и затоа само за програмата за рамномерен регионален развој за 2020 година имаме сто отсто повеќе средства во однос на 2017 година, изјави премиерот Зоран Заев на Годишната конференција за децентрализација што се одржа во Скопје.

На Конференцијата на која учествуваа и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, градоначалници на општините, претставници на ЗЕЛС и на локалните самоуправи, како и амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП во Скопје, Нарине Сахакјан, премиерот Заев истакна дека оваа Влада го откочи процесот на децентрализација и го отвори дијалогот за подобрување на системот на локалната самоуправа, зашто е уверена дека нема локален развој и демократија без вистинска децентрализација, наспроти потрошените 800 милиони евра за Скопје 2014 на нефункционални објекти, во период кога целосно беа запоставени општините кои што продуцираа огромни долгови.

– Во 2020 година имаме зголемување на висината на средствата за детски градинки за 53 отсто повеќе од 2017 година. Тука влегуваат и зголемувањето на платите на вработените, како и сите новоприфатени вработувања, за што во претходниот период средствата ги обезбедувала локалната власт. На една од последните седници на Владата утврдивме дека 30-те милиони евра што ТАВ требаше да ги вложи во карго аеродром, ќе бидат пренаменети за локални патишта, водоводи и канализации во локалните заедници ширум земјата. Средства за локални и за регионални проекти обезбедуваат и други линиски министерства, како Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство и шумарство преку програмата за рурален развој, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование – истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека Владата се обврза да ја зајакне децентрализацијата, да се овозможи максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво со соодветен трансфер на финансиски средства за нивно извршување.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски во обраќањето на собирот потенцираше дека се преземаат мерки за финансиско стабилизирање на општините за да можат подготвени да преземат нови надлежности и дека паралелно ресорното Министерството финансиски ги поддржува општините преку кофинансирање на проектите за прекугранична соработка.

– Склучени се договори за кофинансирање на 66 нови проекти во општините во пограничните региони со Грција, Косово и Бугарија, а со седум милиони евра оваа година Министерството финансира 117 проекти за локална инфраструктура, детски градинки, енергетска ефикасност во училишта и други потреби на општините во сите осум плански региони, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Во име на градоначалниците и на локалната самоуправа говореше претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, кој нагласи дека најголем приоритет на локалната власт е обезбедувањето на поголема финансиска стабилност.

– Она од што не отстапуваме е барањето да се обезбедат доволно средства за извршување на постојните надлежности што веќе ги имаат општините, а потоа да следи префрлање на нови, се разбира задолжително пропратени со адекватни финансиски средства за нивна реализација. Впрочем како што е  предвидено и во Европската повелба на локалните власти – рече Шилегов.

Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Самуел Жбогар ја истакна важноста дека сите – Владата, Унијата, институциите и другите чинители – треба да се фокусираат на тоа како да го подобрат животот на секој граѓанин.

– Комплетирањето на процесот на децентрализација е еден од начините до таа цел. Централната власт треба да ги реализира само оние активности кои не можат да бидат заокружени на локално ниво. На тој начин одлуките ќе бидат најдобро поврзани со граѓаните. Во тој правец, Владата како приоритет треба да го има процесот на фискалната децентрализација. Од градоначалниците и општинските совети се очекува силна заложба посебно кога повеќето преземени одговорности подразбираат и повеќе одговорност пред секој граѓанин. ЕУ ќе продолжи да инвестира уште повеќе во општините се со цел позитивни промени за сите – рече амбасадорот Жбогар.

За постојаната претставничка на УНДП во нашата земја Нарине Сахакјан од особена важност е заедничка заложба на Обединетите нации и Европската Унија е зацврстување на демократијата со овозможување поголемо учество на заедниците и граѓаните во носењето на одлуките кои го засегаат квалитет на живот на секој поединец, на секоја заедница.

– Во тој правец, обезбедувањето на одговорно, инклузивно и партиципативно носење на одлуки каде што никој не е изоставен е во сржта на глобалните развојни цели. Цениме дека е забележан голем прогрес во реформите во процесот на децентрализација, но има простор за уште поголем напредок, посебно во делот на инфраструктурата, финансиите и човечкиот капитал. Со поддршка на нашите донатори, посебно ЕУ, УНДП ќе продолжи да реализира проекти на локално ниво и во иднина, бидејќи длабоко сме уверени дека заедниците се срцето на секоја држава – нагласи Сахакјан на Годишната конференција за децентрализацијата што се одржа во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот