Заев: Владата ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд за законот за автопатите

Премиерот Зоран Заев најави дека Владата ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд за Законот за изградба на автопатите, односно на коридорите 8 и 10 Д. Тој не верува дека законот ќе падне.

Ако Уставниот суд одлучи дека нешто тука е неуставно и незаконско, ние тоа ќе го почитуваме. Но, искрено верувам дека моделите кои се веќе развиени во Хрватска, Србија, Албанија и Косово се исти модели како нашите, уставите ни се исти, така што верувам дека уставноста е загарантирана. Но, да не прејудицирам, да видиме како ќе одлучи уставниот суд – изјави Заев.

Со Закон, донесен по скратена постапка компанијата „Бехтел и Енка“ е избрана за стратешки инвеститор за изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола. Со него се предвидува изградба без распишување на тендер, а власта уверува дека овој модел ќе ги даде најбрзите и најоптимални резултати за изградбата на автопатите.

Според премиерот, времето на проектирање и изведба на автопатите на ваков начин ќе се скрати за 50 отсто.

– Уставниот суд е конечен, ако законот падне, тогаш ќе одиме со постапките кои значат две алтернативи. Едната е традиционалната постапка која ја има државата, а тоа значи проектирање едно три-четири години, потоа избор на изведувачи, надзор и слично. Тогаш ќе губиме многу време. Законот за коридорот 8 и 10 е закон со кој ѝ се препорачува на Владата, преку надлежните ресори, да најде решение на компетитивен и конкурентен начин, преку конкурентни цени, директно со инволвирање на трети страни, а со конечна цел да се скратат тие рокови. Односно да имаме проектирање на прва фаза и веднаш изведба, а додека се спроведува првата фаза, проектирањето да продолжува на втора, трета и четврта фаза што го крати најмалку за 50 отсто времето за проектирање и изведба – вели Заев.

Антикорупциската комисија го оспори Законот пред Уставениот суд веднаш штом беше донесен, оценувајќи го како висок ризик за корупција и судир на интереси и, во суштина и како закон со кој се суспендира правниот систем во државата.

Уставните судии се на одмор и се очекува во септември да биде разгледана иницијативата на  антокорупционерите.

Видео на денот