Заев: Великаните не заминуваат никогаш, таков е и Блаже Конески

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Големината и значењето на животот и делото на Конески за македонскиот идентитет, за македонската национална култура, за македонскиот јазик го прават не само втемелен факт во историјата, туку и жив двигател на нашата сегашност во разни области – во науката за јазикот, во уметноста и силата на зборот, во моќта да го закрепнува нашето духовно самочувство кога ни остави завет да го чуваме јазикот, зашто јазикот е нашата татковина. Ова денеска на својот фејсбук профил го напиша премиерот Зоран Заев по повод 27 години од смртт на Блаже Конески.

-И денеска, на денот кога во 1993 година со неговата смрт се заокружи едно големо, разновидно, доблесно и придвижувачко творештво, нашите мисли се исполнети со гордост што бевме современици на Блаже Конески, пишува Заев.

Премиерот Заев на фејсбук напиша дека денес македонскиот јазик е дел од светската енциклопедија јазици и никој не може да ја негира неговата автентичност.

-Жив јазик на македонскиот народ со свој изворен правопис, граматика, речник, и своја континуирана и развојна историја. Правописот на македонскиот јазик, чие прво издание беше објавено и потпишано од Блаже Конески и Крум Тошев, уште во мугрите на раѓањето на современата македонска држава во 1945 година, денеска, како најново и дополнето издание од плејада македонисти и ученици на Конески, е слободно достапен на сите граѓани како инструмент за унапредување на македонскиот јазик (www.pravopis.mk), напиша премиерот Заев.

Во монументалното дело на Конески, како што се наведува, се вградени и длабоки хуманистички идеали и научни достигнувања кои беа препознаени и од светската академска јавност, а светот им оддава признание и денес со впишувањето на 100 годишнината од неговото раѓање како настан за одбележување запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година.

-Тоа е уште една глобална афирмација на македонските јазик, наука и култура со програма со која во национални и во меѓународни рамки ќе се одбележи оваа значајна годишнина. Великаните не заминуваат никогаш. Таков е и Блаже Конески. Тој со своето сеприсуство и денес ги побива и се надвишува над сите злонамерници што го напаѓаа и го нарекуваа „џуџето од Небрегово”, а денеска му ги читаат песните. Ништожни се таквите чинови на порекнување на големите македонски дела и големите македонски дејци, ништожни се во споредба со громогласниот џин заштитник на македонската реч, напиша премиерот Заев на фејсбук. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот