Заев-Вархеји: Реформите во судството се области на кои им е потреба понатамошна работа

Позитивните оценки за Северна Македонија во Годишниот извештај на Европската Комисија беше добра вест, но тоа е уште една силна причина да се работи уште повеќе на спроведување на реформите и на успешна завршница на подготовките за првата меѓувладина конференција во декември, беше истакнато на онлајн средбата на премиерот Зоран Заев со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.

Од владината прес-служба информираа дека на средбата било наведено дека Северна Македонија во принцип е задоволна од предлогот на Европската комисија за Рамката на преговорите што треба да ја усвои Европскиот совет во ноември и дека е уверена оти клучните важни елементи поврзани со идентитетските прашања ќе бидат во согласност со европските вредности.

Премиерот Заев и министрите за надворешни работи и за европски прашања Бујар Османи и Никола Димитров, на онлајн средбата го поздравиле Извештајот на Европската Комисија за земјата како објективна и сеопфатна проценка на вкупното ниво на усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, како и констатираниот напредок за време на извештајниот период.

– Идентификуваните области на кои им треба понатамошна работа, препораките и насоките, како и секогаш, ќе бидат преведени во нашата агенда за реформи, особено во клучните области на судските реформи и борбата против корупцијата и организираниот криминал, истакнал Заев.

На средбата било соопштено дека Владата подготвува детална анализа што ќе биде основа за ревизија на Националниот план за усвојување на правото на ЕУ како клучен стратешки документ што ги дефинира реформските приоритети, временските рокови и потребните ресурси за процесот на пристапување во членство во ЕУ. Приоритет на Владата за следниот период, како што било нагласено, ќе биде понатамошното унапредување на агендата за реформи на инклузивен начин, со вклучување на опозицијата во Парламентот, на граѓанското општество и на меѓународните партнери.

– Како исклучително значаен беше оценет Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан од девет милијарди евра претежно за поголемите инвестиции во инфраструктурата со регионално влијание, наменети и за економско закрепнување на регионот заради последиците од пандемијата со ковид-19, посочија од владината прес-служба.

Вархеји на средбата ја искажал неговата лична и силната поддршка на Европската комисија за посветеноста на земјата во остварувањето на европските стандарди во сите области и изразил очекување дека во претстојниот период ќе се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи првата меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на затворањето на поглавјата за нашето членство во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот