Заев со детали за лидерската средба: Груевизмот до доцна во ноќта не попушти

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Разочаран сум од исходот и од однесувањето на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, имав надеж дека сепак  е можно да ја сменат матрицата на однесување и да излезат од заложништвото на нивните претходници, но груевизмот до доцна во ноќта не попушти, постојано, колку и да постигнеме напредок на крајот, постојано се се сведува на амнестија и запирање за случаевите од претходниот режим, рече премиерот Зоран Заев.

– Се обидовме да гледаме низ очите на опозицијата, но се соочивме со невозможно барање предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола за конечно и да запрат. Бараат криминалот да им го заташкаме, не ги интересира ЕУ, НАТО, владеење на правото и интересот на граѓаните. Тоа е мојот заклучок, затоа синоќа не постигнавме договор – рече Заев.

Тој објасни дека од ВМРО-ДПМНЕ барале сите предмети до јуни 2017 година да ги преземе ново обвинителство чиј прв човек ќе се избира на предлог на опозицијата, а предметите отворени после 30 јуни ,да запрат. Според Заев ако предметите на СЈО ги земе обвинител избран на предлог на опозицијата, тој може да најде начин тие да пропаднат. Меѓу предметите за кои постоела ваква опасност Заев ги спомена „Титаник“ и „Талир“, едниот за прислушувањето, а другиот за изборни нерегуларности.

– Понудивме формирање на ново обвинителство, првиот обвинител да се бира на предлог на опозицијата. Новото обвинителство треба да биде на исто ниво како и ова за организиран криминал. Тоа обвинителство да биде независно, да формира случаи од сега натаму, но и да може да постапува и по индиции за криминал кој се случил и порано. Но тие не сакаа тоа, сакаа овој обинител да ги преземе предметите од СЈО – објасни Заев.

Тој рече дека Мицкоски е подготвен да ги жртвува НАТО и ЕУ за да го аместира криминалот на ВМРО.

-Ќе се бориме против тоа, на крај законот го носи Собранието, пратениците ќе гласаат. Апелирам опозицијата да увиди колку е важно да покажеме дека можеме партиските интереси да ги ставиме над државните. Предметите на СЈО мора да се процесуираат, нема компромис околу ова прашање. Единствени виновници за недобивање на датум ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски – рече Заев.

Дали ќе престанат преговорите, Заев рече дека треба да се продолжи и да се остави отворена врата за преговори.

-Должност е на сите да ја обезбедиме иднината на овие предмети надвор од рацете на политичарите. Верувам дека јавноста ќе ги каже своите видувања, направивме исчекор, рековме океј за борбата со висока корупција и затоа предложивме новото обвинителство да истражува случаи кои се однесуваат за сите избрани и именувани лица, за секој што е функционер за кој има инцидии за криминал ќе го истражува ова обвинителство. Но не може да дозволиме ова обвинителство каде прв човек ќе се избира на предлог на ВМРО-ДПМНЕ да ги преземе и предметите на СЈО – рече Заев.

Тој потенцираше дека предметите на СЈО имаат иднина бидејќи се враќаат во Основното јавно обинителство. Според премиерот, обезбедена е и иднината на специјалното обвинителство, можеби за пониски плати, ќе бидат вратени во обвинителствата од кои дошле во СЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот