Заев со честитка за 4 јули: САД секогаш биле со нас, споделената радост со искрени пријатели е поголема радост

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска испрати честитка по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави – 4 Јули.
Заев во честитката потсетува дека на 4 јули 1776 година, пред 244 години беше усвоена Декларацијата на независност на Соединетите Американски Држави. Денот на независноста, пишува Заев, е најголемиот празник на САД, а воедно е и одлична прилика за прослава на демократските вредности и идеали кои се темел на САД и кои се заедничка основа на нашето блиско пријателство и стратешко партнерство.
– Од нашата независност до денес, не сме имале поголем и попосветен партнер и поддржувач како што тоа биле САД. Секогаш биле со нас, и кога ни било тешко, давале помош и поддршка за заедно да ги надминеме премрежјата и проблемите со кои сме биле соочени. Секогаш биле и со нас кога сме постигнувале успеси и кога сме славеле, оти споделената радост со искрени пријатели е поголема радост, а споделениот успех е поголем успех, пишува лидерот на СДСМ.
Во честитката, меѓу другото, Заев изразува благодарност за помошта и поддршката од САД. – Благодарение на нивната помош и поддршка, за многу кратко време успеавме да ја вратиме демократијата во нашата држава, да ги зајакнеме нашите институции, да ја поставиме државата во вистинска насока и да ги реализираме нашите стратешки цели, пишува Заев.
-Денес, имаме постабилна држава, посилни институции, поразвиена економија, подобри односи со соседите, и сме полноправна членка на НАТО. Седиме на иста маса со нашите сојузници, рамо до рамо, со САД и со другите НАТО земји членки. Еднаков дел сме од големото транс-атлантско семејство на народи. Заради нашето партнерство и заедничка соработка со САД, нашите граѓани денес уживаат поголеми слободи и права, во постабилна, побезбедна и попросперитетна држава, стои во честитката.
Заев наведува дека секогаш искажувал благодарност за, како што пишува, срдечната, континуирана и двопартиска поддршка што Република Северна Македонија ја добивала од САД, во сите мои средби и состаноци со конгресмени, сенатори и други претставници на САД, вклучително и во средбите со поранешниот потпретседател Џо Бајден, сегашниот потпретседател Мајк Пенс и претседателот Доналд Трамп.
-Остануваме посветени на натамошно унапредување на нашите односи, како традиционални партнери и сојузници во НАТО, се вели во честитката од Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот