Заев: Системот се справува и со крупните и со ситните риби, нашата антикорупциска стратегија е за сите ешалони

Зоран Заев Фото: Screenshot/YouTube

Свесен сум свесен дека не постои власт за која народот верува дека во нејзиниот прв и втор ешалон нема корупција. И завчера немав намера да го убедувам народот во тоа, одговара премиерот Зоран Заев на прашањето од Канал 5 во врска со неговата изјава дека корупцијата во државата е во пониските ешалони на власта.

-Напротив, најважно е што ќе направи секој од нас за да бидеме поблиску до таа цел – а целта е нема корупција во било кој ешалон од власта и во кој било дел од општеството. Ние сме непријатели и противници на корупцијата и влезени сме во сериозен клинч со овие општествени болести. И за разлика од претходната, оваа Влада сериозно ги зема предвид и постапува по меѓународните извештаи. Го читаме и анализараме секој збор, секој наод од сите извештаи и ги третираме како сериозни четива кои ни помагаат да ја менуваме ситуацијата. Нашите мерки се за сите, не само за администрацијата. Нашата антикорупциска стратегија е за сите ешалони – тоа е прочистувањето на правосудството, етичкиот кодекс за функционерите кој важи прво за мене, а после за сите други, постојаното зголемување на транспарентноста на институциите, новата стратегија за конфискација на имот, дигитализацијата на институциите со која се отстранува човечкиот фактор при носењето одлуки и унапредувањето на системот за јавни набавки. Ова се мерки кои спречуваат корупција и кај министрите, и кај службениците и кај граѓаните, рече Заев.

Според него системот се справува и со крупните и со ситните риби.

-Повеќе високи политичари се веќе со судски пресуди на издржување затворски казни. Тоа треба да е сериозна порака за секој политичар, особнео за тие од прв и втор ешалон, не само за администрацијата. Имам јасна порака до сите носители на јавни функции, до прв и втор ешалон, до државните службеници и до граѓаните: Внимавајте, сега се` е јавно, сите знаат се` поради транспарентноста – учеството во коруптивни активности не се исплати и сериозно ќе биде казнето, рече премиерот Зоран Заев.

Видео на денот