Заев: Секој разговор за иднината на Европа без автентичното место на Западен Балкан е бесмислено

западен балкан
Западен Балкан, знамиња / Фото: Слободен печат, архива

Западен Балкан е преморен од историски недоразбирања и затоа ние, како совермени политичари, треба да гледаме напред и да бидеме насочени кон решенија. Кога станува збор за Северна Македонија, ние со Грција покажавме дека е возможно, и од процес на недоразбирање да излеземе како посилни пријатели. Верувам дека тоа е возможно и со Бугарија и затоа бараме и создаваме истомисленици за оваа наша цел и ова наше уверување. Ја враќаме довербата меѓу двете држави, македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила, изјави премиерот Зоран Заев кој денеска учествуваше на Самитот за Западен Балкан во Виена.

Како што напомена Заев, секој разговор за иднината на Европа без автентичното место на Западен Балкан, е бесмислено. Европската перспектива мора да го победи евроскептицизмот.

Премиерот ја повтори пораката што претходно ја искажа на пленарната сесија на Самитот – 2021-ва да биде година за паметење во која ќе биде направен силен искечкор напред со почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, јасен европски прогрес за Србија и Црна Гора, како и чиста европска перспектива за Косово и БиХ. Така, напомена, ќе се испрати силна порака до граѓаните на регионот дека Западен Балкан е нераскинлив дел од ЕУ.

-Оваа дебата се случува во клучен период од повеќе причини кои постојат и во ЕУ и во регионот. Утрово слетав во Виена од Софија каде вчера со премиерот и претседателот, Јанев и Радев, направивме голем европски исчекор. Ја враќаме довербата меѓу двете држави и нашите многу блиски, братски народа. Македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила. Верувам дека низ овој процес Западен Балкан на Европа наскоро ќе и донесе нова позитивна вест и барам поддршка од сите вас на тој пат, подвлече Заев.

Тој потсети дека во март лани Советот на ЕУ едногласно даде зелено светло за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.

-Вклучително и Бугарија потврди дека нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност се неспорни. Затоа бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитекските различности на нациите на европскиот континент, рече премиерот.

Според него, постојат јасни докази дека во земјите кои се сериозно ориентирани кон ЕУ реформите носат конкретни придобивки за граѓаните и го подобруваат квалитетот на животот. Северна Македонија е добар пример за тоа. Владата на РСМ, дополни, останува на истиот стратешки колосек – испорача полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижи земјата и кон ЕУ.

-Сега имаме солидна поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан која мене лично ми ја потврдија повеќемина европски лидери и сите највисоки претставници на ЕУ за време на моите неодамнешни посети на Брисел и другите европски престолнини. Затоа, сега е многу важно, и во пресрет на конференцијата, иднината на Европа, политичките гласови за вредностите на обединета Европа, како во земјите-членки, така и во земјите за прочирување, да бидат многу погласни, истакна Заев.

Тој уште еднаш повтори и дека јасната перспектива на земјите од Западен Балкан за остварување на нивните цели за членство во ЕУ значат одржување и засилување на темпото на спроведување на реформите на нивните општества.

Заев на Самитот учествуваше на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц, а беше придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот