Заев: Сè поизвесно е дека Бугарија ќе нè блокира за почеток на преговорите со ЕУ

Сè поизвесно е дека Бугарија ќе ја блокира Северна Македонија и земјава нема да ги почне преговорите со Европската Унија (ЕУ) и покрај позитивната одлука. Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е поприлично извесно дека Бугарија ќе ја блокира Северна Македонија, на состанокот на Советот на ЕУ во вторник. Но, Заев вели дека тој никогаш не губи надеж, бидејќи одговорноста на политичарите е голема, предупредувајќи дека ваквата одлука може да предизвика развој на непосакувани настани на двете страни.

– Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада и за евентуално вето. И тоа е поприлично извесно. Но, сепак никогаш не губам надеж затоа што одговорноста е голема кај политичарите, рече премиерот Заев при посетата на болницата во Струмица.

Очекувам одговорност, потенцира тој, крик на пријателство од бугарската страна заради тоа што кај нас имаат пријатели.

– Ако се испрати негативна порака сите знаеме што тоа непосакувано, верувам од двете страни, може да развие. Не ни треба тоа, ни треба пријателство, подадена рака заедно да го чекориме европскиот пат, истакна Заев.

Северна Македонија и Бугарија во изминатите 20 месеци одржале 10 состаноци во однос на прашања поврзани со Договорот за добрососедство и за прашања за кои двете страни имале различни мислења. Заев потсетува дека досега е постигнато решение за пет историски личности и за три историски периоди, а дека решението, во духот на заедништвото, е блиску и за Гоце Делчев.

– За 20 месеци одржавме 10 седници. Германија – Полска, Германија – Чешка, исти вакви комисии првите резултати ги имале на десет години од составување на Комисијата или се состануваат еднаш годишно. Нашата Комисија со Грција се состанува два пати годишно. Овде имаме за 10 состаноци за 20 месеци, наредниот меѓу двете комисии е во декември. И за Гоце Делчев сме блиску, во духот на заедништвото, и верувам во сето она што во иднина ќе биде предизвик. Ја испраќам пораката да градиме пријателство. Лесно е да се гради непријателество. Денес европски е да се гради пријателство и да се биде храбар во тие одлуки, потенцира Заев.

Тој изрази надеж дека, како што кажа, пријателска Бугарија ќе остане на духот на пријателството.

– Ако не се од нешто задоволни од исполнувањето на Договорот имаат можност 130 пати низ 34 поглавја да стават вето или блокада, затоа што договорот како што знаете и во годишниот извештај и во преговарчката рамка, Договорот со Грција и Договорот со Бугарија, се составен дел. Тие се меѓународни договори кои имаат своја реализација. Уште еднаш напоменувам, тоа го потврдува и бугарската страна имаме решено пет историски личности, три историски периоди, спремни сме да ги објавиме и да почне имплементацијата во учебниците на двете страни и од македонската и во бугарската страна, рече премиерот.

Заев е убеден дека со позитивни одлуки се градат пријателски односи, со негативни одлуки градиме горчина.

– Не треба двата народи никој да ги оддалечува, треба да ги зближува. Тоа е историски повик, кон политичарите и кон нас, македонските и кон бугарските политичари. Двата народа се навистиа со заедничка историја, со заедничко минато. И од таа заедничка историја и минато се развиле денешните македонскиот и бугарскиот народ. Од словенската јужна група на јазици излезени се двата јазика, и бугарскиот и македонскиот. Зошто не е доволно заедничко? – Како тоа да биде заедничко, а да биде бугарско? Или да биде заедничко, а да биде македонско? Заедничко е заедничко. Или заедничкото или општо треба да ги наоѓаме решенијата. Одговорноста останува на политичарите со сите одлуки кои ги носиме. Ако се позитивни, историјата ќе испише златни и позитивни букви, ако се негативни ќе испише горчина. Јас верувам дека ќе бидеме сите мудри и паметни тоа да го направиме, истакна премиерот на Северна Македонија.

Нашиот народ, потенцира Заев, никогаш не би ставил вето на бугарскиот народ.

– Македонскиот народ е голем пријател. Јас често кажувам со нашиот братски народ, ние сме братски народ и треба да се поддржуваме во иднина. Нашиот братски македонски народ никогаш не би ставил блокада и вето на бугарскиот. Јас знам дека бугарскиот народ не сака блокада или вето на македонскиот народ. Политичарите се тие кои ги носат одлуките. Разбирам не е лесно и во Бугарија има критички осврт, должност наша како политичари е да објасниме, затоа што признаваме дека уште повеќе да работиме, рече Заев коментирајќи ја изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која најави блокада за Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот