Заев: Прилеп ја има комплетната поддршка на центалната власт за развојот

Премиерот Зоран Заев во Прилеп / Фото: МИА

Особена чест имам што овде, од Могилата на непобедените ја претставувам нашата понуда за локалните избори. Како и за сите општини, и за Прилеп го носиме најдоброто. Имаме дилеми, но знам дека Прилеп прв почувствува кога требаше. Овие 80 години Прилеп беше и остана нашата авангарда. И затоа, на крајот, сепак победува, најдоброто, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска од Прилеп, од пред Могилата на непобедените по денешниот марш од центарот на градот.

Нема подобро време, посочи Заев, од тоа денеска, на овој важен датум, од тоа да се биде во Прилеп заедно со вас, да се маршира рамо до рамо со заеднички вредности, со заедничка почит спрема минатото и со заедничка визија за иднината.

– 11 Октомври е еден од најважните датуми во современата македонска историја. Датум кој ги одбележува храброста, решителноста и борбата за слобода на македонскиот народ и на сите етнички заедници. На 11 октомври пред 80 години токму Прилеп ја поведе државата кон слобода. Жртвите што ги даде Прилеп, никогаш не се забораваат и не се залудни. Тие жртви ги донесоа слободата, еднаквоста независноста. Таа визија пред 80 години, денес е наша реалност. Повторно сме сплотени во едно општество за сите етнички заедници, со заедничка визија за напредок на нашата татковина и да стане ушто поубаво место за живот. Ако пред 80 години патриотизам беше да се земе пушка и да се води борба против окупаторот, денес патриотизам е да се креираат мерки и да се води борба против невработеноста, да се води борба за повисок економски стандард. Денес визијата е во новите работни места во повисоките плати и пензии, во поразвиени општини, рече Заев.

Заев нагласи дека е потребна будност, рано да се сузбиваат сите форми на фашизмот.

-Фашизмот ќе го препознаете и денес, оти тој сее омраза и ги дели луѓето, окупира како што денес претпладнето беше окупиран просторот за полагање цвеќе, овде, на Могилата, од поединци, полни со омраза, црни души. Фашизмот нема друга судбина освен постојано да биде поразуван, рече Заев.

Нагласи дека канидатот за градоначалник на Прилеп од СДСМ и коалицијата, Горан Сугарески, покажа како се сака татковината, успеа да ја претвори во огромно градилиште, се реконструираа бројни патишта и автопатишта, а тоа ќе го преслика во Прилеп.

-Сето ќе биде реализирано и во Прилеп, со поддршка на централната власт. Го давам зборот дека централната власт ќе го поддрши Прилеп како никогаш досега, додаде Заев.

Потпретседателот на СДСМ, Венко Филипче упати благодарност до потомците на народните херои, до загинатите семејства и до учесниците во Народноолободителната војна, до сите прилепчани, но и до целиот македонски народ и порача дека нашата „мирновременска” борба не е завршена и сè уште не сме го исполните наследениот аманет до крај.

-Нѐ чека макотрпна работа. Не смееме да чекаме судбината да ни биде иднина, туку мораме  храбро да продолжиме со уште поголем ентузијазам за да создадеме поквалитетен, послободен и побогат живот за идните генерации, да бидеме целосно интегрирани со Европа каде и цивилизациски и културно и географски припаѓаме. Не е точно дека ние само нешто бараме од Европа, ние имаме многу што да им понудиме на нашите сојузници, рече Филипче, напоменувајќи дека градењето на државноста треба да продолжи преку изградба на повисок животен стандард, хуман простор за живеење, со чиста човечка околина, со современи училишта, модерна инфраструктура, профитабилни компании и технолошки напредно земјоделство.

Кандидатот за градоначалник на Прилеп од СДСМ и коалицијата, Горан Сугарески денеска истакна дека држава се гради со љубов, со искрено чувство со патриотизам, со почитување на сопствениот народ и припадниците на другите етнички заедници, кои живеат во неа, држава се гради, не се разградува.

– Прилеп се сака со дела, не со зборови, борбата за Прилеп била и секогаш ќе биде поголема од партиската, етничката, верската или било која друга припадност, мојата филозофија е да обединувам, а не да делам, рече Сугарески.

Тој нагласи дека е дојдено времето своето политичко, професионално, животно искуство и стекнато знаење да го посвети на родниот Прилеп и на своите прилепчани.

– Иако зад мене стои големо политичко искуство, кандидатурата за градоначалник на мојот роден град е најголемиот предизвик со кој досега сум се соочил, и никогаш досега не сум избегал од ниту еден предизвик, ништо поразлично не е ниту сега, напротив мојата одлучност заедно да ја оствариме големата победа е посилна од било кога, порача Сугарески.

Тој во рамките на големиот марш по повод денот на почетокот антифашистичкото востание 11 Октомври истакна дека Прилеп е кодот на македонскиот идентитет.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот