Заев потврди: Владата ќе ги преземе ингеренциите врз општина Струга – ЕВЕ ШТО ТОА ЌЕ ЗНАЧИ

Државата ќе ги преземе ингеренциите врз општина Струга од кои се откажа градоначалникот Рамиз Мерко, рече денеска на прес конференција премиерот Зоран Заев. Ова е најнова информација која веројатно ќе ја задоволи љубопитноста на јавноста која два дена со нетрпение чекаше да дознае што ќе следува откако Мерко со писмо во кое ги образложува своите причини, бара од Владата да ги преземе ингеренциите од областа на  урбанизмот, издавањето на дозволи за градба, легализирањето на дивоградби, во делот на издавање на концесии како и во спроведување на забелешките од УНЕСКО.

– Државата ќе ги преземе ингеренциите, ќе бидат избрани компании кои ќе ги отстранат дивоградбите, а легализирани ќе бидат единствено објектите кои се изградени според законските прописи – рече Заев и дополнително информираше дека и општина Охрид размислува за предавање на ингеренциите.

Во писмото, кое се уште не стигнало до премиерот, Мерко објаснува дека ја донел оваа одлука поради тоа што добивал закани од поединци кои барале дозволи за градба на различни локации, но не можеле да бидат дадени поради постоечкиот ДУП.

Мерко во писмото го обвинува и Министерството за транспорт и врски за, како што вели, намерно блокирање на економскиот раст на градот со тоа што не дозволува измена на Деталниот урбанистички план. Од таму денеска не беа достапни за коментар.

За одлуката на струшкиот градоначалник Мерко ќе бидат информирани и дипломатските претставништва со цел да се прекине негативната кампања спрема Струга, стружани и кон него како градоначалник, стои во писмото.

Рамиз Мерко на македонската јавност и е познат по неколку скандали меѓу кои и набавката на луксузниот службен автомобил Ауди, кој општината ја чини 67.000 евра и палењето на заштитената трска во Охридското Езеро.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот