Заев: Постои теоретска шанса за почеток на преговорите под германското претседателство

Опозицијата е во многу аспекти неразумна, оценува премиерот Зоран Заев, додавајќи дека од ВМРО-ДПМНЕ прво обвинувале дека власта го продава македонскиот идентитет и јазик, а потоа обвинуваат дека не бил постигнат договор со што ќе започнат пристапните преговори.

Заев посочи дека треба час поскоро да се одржи првата Меѓувладина конференција и дека се уште се прават максимални напори до крајот на годината да се искористи теоретската шанса ова да се случи под германското европретседателство или пак, како што вели, во најмала рака да се создаде атмосфера за договор за наредната година. Премиерот исто така откри што содржи нон-пејперот испратен до неговиот бугарските власти.

– Се работи за документ за размена на идеи. Внатре содржи што значи долгото, а што краткото име на државата, односно дека краткото име Северна Македонија не содржи територијални претензии кон Бугарија и нема никакви аспирации за други територии надвор од територијата на политичкиот субјект – Република Северна Македонија. Дополнително, го делегираме второто право за заштита на македонското небо на Бугарија. Третиот дел е дека немаме намера да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија или на било која од земјите, вклучително кога се работи и за малцински права, што е меѓународно регулирано, изјави Заев, додавајќи дека една од точките е и начинот како ќе се справат земјите со омразата од двете страни.

Според Заев во нон-пејперот се наведени и детали како ќе се усвојува Акциониот план, на меѓувладини конференции, од областа на спортот, образованието, здравството, културата, инфраструктурата и друго.

– Ќе продолжиме да разговараме со Бугарија и секогаш ќе ги користиме сите механизми и можности за разговор за постигнување решение на вака непријатен проблем што и се случи на нашата земја. Верувам дека постои решение, истакна Заев.

Премиерот рече и дека политичарите се одговорни за историјата што во моментов се пишува, нагласувајќи дека секое одложување на донесувањето решение е испишување и сегашност и иднина за македонскиот и бугарскиот народ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот