Заев: Постои шанса Законот за ЈО да се донесе до 11 февруари

Тој истакна дека нема да дозволат пролонгирање или купување време, и дека ќе се гласа законот до 11 февруари.

Шанса да се донесе Законот за јавно обвинителство постои и тој ќе се донесе до 11 февуари, оцени лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска во одговор на новинарско прашање по средбата со претседател на Европскиот совет Шарл Мишел, со кој, како што рече, една од темите на разговор бил и законот за јавно обвинителство.

– Јас верувам дека постои шанса. Вчера видов една порака на сериозна вклученост на сите, некои излегоа на прес-конференции. Еве, независната пратеничка група излегоа и со соопштение со кое тоа го соопштија, беа присутни таму, дојдоа и албанските политички партии коишто беа позитивни. Жалам што ВМРО-ДПМНЕ напушти заради неприсуство наводно на јавниот обвинител којшто нема што да бара на партиски политички средби според мене. Еве на јавната расправа нека го повикаат човекот ќе дојде или кој било друг експерт ако повикаат да дојде. Така што, се надевам дека не се работи за пролонгирање, купување време и слично од ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што нема да го дозволиме тоа. Следната недела е недела на решенија. Очекувам Владата како што побараа дел од пратениците да го пушти законот да влезе во Собрание и тоа во вторник кога ќе има седница да го усвојат, да го пуштат во Собрание и конечно да се изјасниме во Собранието, па ќе видиме има 80, нема 80, консензус дај боже има – нема или слично, изјави Заев, одговорајќи на новинарско прашање.

Тој истакна дека нема да дозволат пролонгирање или купување време, и дека ќе се гласа законот до 11 февруари.

– Дали ќе има двотретинско мнозинство или нема да имаме ќе видиме на крајот. Мислам должни сме према државата. Должни сме према државата да го ставиме на изјаснување. Дотогаш да направиме се, дај боже да има 80 и повеќе би бил најсреќен ако има консензус. Силна порака е за имплементација. Но, работиме и верувам дека можеме успешно да стигнеме со неопходното двотретинско мнозинство за овој закон. Така што, никој не може да каже ништо, ние сме само со позитивно очекување. Зошто сум позитивен јас, значи ако некој сака да најде маана ќе најде маана. Нема потреба, нема веќе СЈО, тоа е завршено, нема потреба да се бараат рачки во самиот закон заради тоа што ги нема. Се што на некој му смета, а е во духот на европската агенда немаме проблем ние тоа да го прифатиме, така што верувам дека може да се постигне решение, истакна Заев.

Потенцира дека тој прифаќа јавните обвинители да имаат право да конкурираат како сите и дека не мора да се гарантира на никој ништо. Администрацијата, додава, е навистина кредибилна, има свое практично искуство.

– Може да конкурираат под еднакви услови за сите. И тоа е нешто за кое што ЕУ нема проблем и ние немаме проблем со таквите прашања. Прашањата политичари да именуваат политичари обвинители имаме проблем. Политичари да одлучуваат за иднината на предметите имаме проблем. Треба да оставиме системот со системски решенија да се бираат државен обвинител, обвинител за организиран криминал и другите обвинителства. Исто така предметите мора да бидат осигурани – сегашни, минати, идни предмети мора да бидат осигурани. Самиот закон предвидува осигурување на предметите, односно тие се веќе во судска процедура, се знае како ќе продолжат самите предмети што се во предистрага и во истрага, но исто така треба да сметаме дека тоа треба да биде одлучувано секојпат независно. Не политичарите да седнат па таму тоа да го договорат, па зашушулено, замумулено, па ќе го скриеме. Не може. Се се знае во државата, така што ниту Европската делегација ќе ни дозволи, ниту ние треба да дозволиме, ниту, пак, вие новинарите треба да дозволите да имаме нечесно законско решение. Решението треба да биде кристално чисто, чесно што ќе гарантира дефинитивно владеење на правото, потенцира лидерот на СДСМ.

Во врска со информациите од италијанскиот весник за учество во изборни нерегуларности во 2014 година, Заев вели дека тоа било една од алатките за атакување на опозиционерот Заев во тоа време во 2014 година кога, како што рече, не ги признавме изборите.

– Ако имале какви било докази верувајте 2014 година со целата сила на ВМРО-ДПМНЕ Заев ќе го осуделе. Значи тие немаа никакви докази, дури не отворија ни обвинителен акт заради тоа што немаше. Таму каде што се трудеа тоа да го претстават пред јавноста еве до крај со обвинителни акти за поткуп, за сите тие други предмети што ги водеа против мене, како што беа, исто така, прислушувањето и слично, овде немаа ништо, беше една фама што ја создаваа се со цел да се оцрни тогаш лидерот на опозицијата Заев, а никако не можеа ниту да заокружат било што, било каков наратив да поднесат дури обвинение, изјави Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот