Заев: Посетата на папата е признание за местото кое нашата држава го зазеде во глобалната заедница

Посетата на првиот човек на Католичката Црква и на Ватиканската држава Папата Франциск, како прва, историска посета на еден Папа на нашата земја, е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција за домашните и странски медиуми по повод Апостолската посета на Папата Франциск на нашата земја.

Ватикан, Европа, и целиот свет, потенцира Заев, ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите.

Светата литургијата со која Папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, според премиерот Заев, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.

– Тоа е силен поттик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот денеска беше пренесена од стотиците новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во Северна Македонија, рече претседателот на Владата.

За Заев, не помалку важно е што денеска, Република Северна Македонија и нејзините граѓани, освен гордоста за искажаната чест што Папата Франциск ја посети нашата земја, покажаа и дека имаат капацитети да ги направат сите подготовки за да дочека еден од најзначајните светски лидери, духовник и инспирација на милиони верници и граѓани со добра волја.

Нашиот народ, подвлече, ја има волјата и ја следи мисијата на Мајка Тереза и тоа го потврдивме и на овој настан.

– Посетата на Папата Франциск не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога Папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа, изјави Заев.

Тој додаде дека Република Северна Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот