Заев порачува: И да нема датум за преговори, нема да има предвремени избори

Премиерот Зоран Заев ја исклучува можноста за одржување на предвремени парламентарни избори ако не добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ. Премиерот објаснувајќи дека и ако не добиеме датум „не смееме да ја загрозиме предвидливоста во општеството“.

-Во услови во кои ние сме земја во која нема алтернатива за НАТО и за ЕУ, политичарите се минливи и менливи, но предвидливоста на стопанството треба да се остави до крај на мандатот. Редовност на изборите е редовност на општеството. Обезбедувањето предвидливост на стопанството е важна работа, па според мене, на нашата земја ѝ требаат редовни избори. И на крајот на октомври за мене се редовни избори – вели Заев.

Тој додаде дека Македонија нема проблем со новите методологии што се предлагаат во однос на реформата на проширувањето. Заев ја исклучи можноста за предвремени избори, ако не добиеме датум.

Заев и понатаму останува оптимист за добивање на датумот за преговори.

-Верувам до небото дека ќе добиеме датум за преговори, останувам оптимист. Нашата земја уште од самостојноста до денес ништо лесно не добива, ние сме мала земја и сѐ сме остварувале со мака. Зборувам за сите влади досега, не само за оваа, така што драмата во ЕУ веројатно ќе биде до последен момент – изјави премиерот Заев.

Видео на денот