Заев: Подобро да стиснеме заби два месеци за секој да има приход, отколку да се доведе во прашање генералната исплата на платите

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Намалување за 60 отсто на приходите може да значи недостаток на 2,2 милијарди евра за да ги финансираме сите расходи проектирани во Буџетот, вели Заев

Во интервју за Фактор, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев искрено говори дека поради кризата, во буџетот на земјава се очекува приходите да се намалат за 60 отсто, што може да значи недостиг од 2,2 милијарди евра.

– Поради мерките за заштита на граѓаните, приходите на државата паднаа драстично и ние имаме обврска пред граѓаните да го кажеме тоа, да се знае, но во исто време и да предложиме мерки за амортизација. Според наши проценки, ќе недостигаат околу 60 отсто од приходите на државата, бидејќи граѓаните не трошат, некои фирми се затворени на одредено време или хибернираат, транспортот е преполовен и нема толкава наплата на ДДВ. Не се плаќаат ниту дел од сметките, бидејќи граѓаните штедат за нивното здравје. Сите овие работи што ги набројав имаат значително влијание на буџетот на државава. Намалување за 60 отсто на приходите може да значи недостаток на 2,2 милијарди евра за да ги финансираме сите расходи проектирани во Буџетот. Ние и да најдеме 1,2 милијарди преку кредити, сепак ќе треба да скратиме и една милијарда од дома. Тоа е реалноста и јавноста и граѓаните треба ова да го знаат. Мерките за намалување на платите во јавниот сектор, почнувајќи од премиерот, министрите, директорите, за кратење на непродуктивните трошоци се само еден дел од чекорите за справување со кризата, која ако потрае сигурно ќе не натера и на други чекори. Но тоа е солидарноста, сите заеднички да го понесеме товарот. Оние со повисоки примања солидарно ќе се откажат од поголем дел од платите, оние со помали примања од помалку. Но, за да може секој да добие плата, мора да обезбедиме соодветна ликвидност и полнење на буџетот. Подобро да стиснеме заби два месеци за секој да има приход, отколку да се доведе во прашање генералната исплата на платите.  Пак ќе повторам, ние имаме предвидено повеќе месечни олеснувања за граѓаните, како ослободувањето од плаќањето на кредитите, запирање на извршувањата и слично. Сега е време е за солидарност и заедничка акција. Имаме капацитет, имаме знаење, можеме да се избориме со коронавирусот и можеме да се справиме со економските последици, вели Заев во интервјуто за „Фактор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот