Заев по повод Денот на Бошњаците: Наскоро и до БиХ само со лични карти

Фото: МИА

Бошњаците се составен и нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава. Иако претставуваат мал по број, се исклучително многу вреден и драгоцен сегмент во концептот „Едно општество за сите”. Владата на Република Северна Македонија и во иднина ќе продолжи да ги зајакнува институционалните можности за негување и унапредување на интересите и културните особености на бошњачката заедница. Ова синоќа го истакна премиерот Зоран Заев во велешкото село Оризари, каде се одбележа Денот на Бошњаците – 28 Септември.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев упати честитки по повод празникот и на Бошњаците им посака многу здравје, успех, благосостојба и просперитет.– Денеска, заедно со вас по 13-ти пат го празнуваме денот кој го симболизира враќањето на националното име „Бошњак” и именувањето на вашиот мајчин јазик како босански јазик. Пријателите се познаваат во неволја, а токму припадниците на вашата заедница, Бошњаците секогаш во добро, но и во зло, активно учествуваат во политичкиот живот на Северна Македонија и значајно придонесуваат во изградбата и развојот на институциите на нашата држава, истакна Заев.

Од 2018 година, во нашиот мандат, во образованието на учениците Бошњаци, потсети Заев, им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.

-Во овој мандат ќе ги формираме и националните совети на помалкубројните заедници, за да можете и вие Бошњаците да одлучувате што ви е вам важно и приоритет. Така ќе биде и за другите помалкубројни етнички заедници. Владата останува посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, а во таа смисла и грижата за натамошна интеграција на Бошњаците во македонското општеството, рече Заев. Додаде дека босанскиот јазик денес е дел од програмата на Националната телевизија, а токму овде во Оризари со децении се одржува значајната културно-спортска манифестација „Средби на Бошњаците”.

Премиерот напомена дека во градењето на добри односи со сите земји во регионот, во 2017 и 2018 година нашата земја и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори. Од кои, како што рече, издвојувам две важни работи: наскоро граѓаните на двете земји ќе почнат да се движат само со лични карти и студентите од земјава во БиХ ќе можат да студираат како домашни студенти и обратно.

-Годинава празникот го славиме во период кога сите ние се соочуваме со најголемата светска криза во новиот век предизвикана од КОВИД-19. А токму врз начелата на почитување и солидарност ќе се справиме со непогодите и предизвиците, градејќи општество на еднакви можности – Едно општество за сите! Во овој мандат Владата сериозно ќе се заложи за подобрување на квалитетот на образованието на јазиците на помалубројните заедници, па така и на квалитетот на образованието на мајчин јазик, рече Заев.

Премиерот честитајќи го празникот, порача – „ Да продолжиме сите заедно да градиме просперитетна иднина и благосостојба. Заеднички да чекориме по европскиот пат, да продолжиме со спроведувањето на реформите и да работиме на подобрување на квалитетот на живот и стандардот на граѓаните”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот