Заев од Битола: Ќе продолжиме со уште поголем интензитет да вложуваме во проекти од интерес за граѓаните и младите

Премиерот Зоран Заев денеска претседаваше со 159-тата седница на Владата која што се одржа во Битола, како прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различните региони во државата.

На седницата, како што информира владината прес-служба, присуствуваа, и во нејзината работа учествуваа и градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.

– Оваа иницијатива е со цел да бидеме поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа. Да бидеме непосредно блиску до нив за да ги слушнеме нивните приоритети и потреби. Во име на таа цел, на оваа седница, се поканети и градоначалниците од пелагонискиот регион. Вечерва министрите ќе реферираат за активностите на секој од ресорите во пелагонискиот регион. Знам дека има што да се реферира. И тука, како и во целата држава се случува градежна офанзива во патната, водоводната и канализационата инфраструктура. За ова воведно излагање, ќе ги издвојам објектите за отпадни води и фекални води во Битола, како и канализационите мрежи во Долнени, Могила, Големо Коњати, Крушеани – рече Заев.

Во Пелагонија, додаде, имаме завршена и тековна рехабилитација и на патната инфраструктура – тука е патот до Прилепското Езеро, патот Битола – Новаци, патот Битола – Демир Хисар, патот Макази – Ресен, како и железничката пруга Битола – Кременица. Сериозно напредуваме и со гасоводот Неготино-Прилеп- Битола, со процент на реализација до 70 отсто.

-Тука во Битола имаме и сериозни инвестиции во здравството – реновирана е итната медицинска помош, реализирани се повеќе вработувања на медицински кадар, вложено е во реконструкции и во нови апарати. И се разбира, и тука во Пелагонија лековите се достапни во секое населено место, за секој граѓанин, во секој ден од месецот, преку мерката за укинување на квотите за лекови – рече премиерот.

Кога сме кај здравјето на граѓаните, потенцира премиерот Заев, токму Битола е еден од четирите големи градови за чие население стојат на располагање бесплатни еко инвертери за греење во домаќинствата.

– До 1000 евра ваучер за секое семејство кое ќе се одлучи да се грее на клима инвертер, а во исто време ќе се откаже од загревање на тврдо или фосилно гориво што загадува. Изразувам уште еднаш благодарност за Електрани на Северна Македонија за поддршката во реализација на оваа мерка, со која влијаеме врз изворите на загадување и со која го штитиме здравјето на граѓаните. Влогот во населението е влог во човечкиот капитал, почитувани министри и градоначалници. Затоа сме посветени да оставиме градби, објекти и институции кои им служат на граѓаните. Притоа особено вложуваме и во децата. На таа тема, сакам да ги издвојам инвестициите во градинките во Кривогаштани, Кравари, Новаци, Прилеп и Ресен. И она за што сме особено среќни – трансформацијата на домот за доенчиња и мали деца во Битола во пет мали групни домови со што пред време го финализираме процесот на вадење на децата од институциите и нивно сместување во подобри услови во мали домови, со индивидуален пристап кон секое дете – истакна премиерот Заев.

Тој најави дека вложувањето во овој регион ќе продолжи со уште поголем интензитет – ќе направиме, рече, се што е потребно граѓаните и младите да ја видат својата шанса во своето место, да имаат мотивација за ангажман, преку соодветно работно место и достоинствена плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот