Заев: Oчекуваме да бидат вреднувани постигнатите резултати, како дома, така и во добрососедските односи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вечерва се сретна со европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, придружуван од амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.

На средбата се поздравени успешните политики на МВР и на Владата во делот на јакнење на капацитетите и соработката со ЕУ за справување со илегална миграција и за направените безбедносни реформи, соопшти владината прес-служба.

Констатирано е дека нашата држава ги исполни бараните стандарди од ЕУ и порачано е нашата држава да го задржи лидерството во реформскиот процес. Пренесена е пораката дека Република Северна Македонија ја има поддршката од Европската комисија која потврди дека нашата држава заслужува отворање на преговарачкиот процес.

На средбата, заеднички е констатирано дека европските интеграции се важни, како за стабилноста на нашата земја, така и на регионот.

– Работиме на спроведувањето на реформите и очекуваме да бидат вреднувани постигнатите резултати, како дома, така и во добрососедските односи. Почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ќе овозможи проширување на соработката во борбата со криминалот и корупцијата, што ќе има резултати и на регионално ниво, рече премиерот Заев.

На состанокот, претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на европскиот комесар, Аврамопулос за изразената поддршка за напредокот и интеграциските перспективи на Република Северна Македонија.

Европскиот комесар Аврамопулос е во Скопје за дводневниот Министерски форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, организиран под покровителство на финското претседателство со ЕУ. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот