Заев очекува руски вакцини в недела, но не е сигурен дали ќе дојдат

Британскиот сој на коронавирусот повторно ги принуди здравствените власти да ја отворат модуларната болница до Инфективната клиника како што тоа беше случај за време на есенскиот бран. Сите болнички кревети на Инфективната клиника се исполниле, па затоа за пациентите на кои им треба хоспитализација, на располагање им се ставаат дополнителните кревети. Во модуларната болница досега се вакцинираа здравствените работници што работат во ковид-центрите, меѓутоа вакцинацијата за нив ќе продолжи во здравствените домови во Скопје. Ситуацијата не е подобра ниту во болницата ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Таму секој ден се прегледуваат голем број луѓе со симптоми на коронавирусот.

– Секој ден имаме по 155 прегледи во инфективните амбуланти и по 80 прегледи во тријажниот центар. Вкупно, дневно имаме 230 прегледи за ковид-пациенти кај нас во болницата – изјави за „Слободен печат“ директорот на болницата, доктор Кристијан Костов.

Во болниците во земјава има нешто помалку од 800 пациенти. Од вкупно направени 3.323 тестови завчера, позитивни беа 721 случај, а починаа 9 лица. Осуммина починале во болнички услови, а еден пациент дома. Вкупната бројка на активни случаи е 8.162.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести будно ја следи состојбата за да се утврди дали можеби ќе се воведат дополнителни рестрикции. Епидемиолозите се децидни дека е потребно да се вакцинира околу 60 проценти од населението за да може да се постигне колективен имунитет. Состојбата во Србија, каде што се дадени над 850 илјади дози од сите вакцини, а каде што се размислува за воведување строги рестрикции, е сведок дека и по вакцинацијата нема веднаш да следува спокоен период, туку ќе биде потребно време за тоа.

И покрај многубројните најави од премиерот Зоран Заев и од министерот за здравство Венко Филипче, вакцините во Македонија сѐ уште не се пристигнати, освен двете пратки од „Фајзер“ што ни го донираше Србија. Министерот Филипче во интервју за МТВ рече дека секаде во светот набавката на вакцини оди тешко. Во врска со најавата дека вакцини ќе дојдат до февруари, што не се оствари, тој рече дека Владата ги споделува информациите со граѓаните онака како што ги добива од производителите.

Премиерот Заев вчера најави дека добил информација дека викендов, в недела, ќе пристигнат 3 илјади дози од руската вакцина „Спутник В“.

– Ние секој ден очекуваме конкретна информација кога ќе стигнат. Јас сега имам информација кога ќе стигнат првите 3 илјади дози, ама како да кажам, ако не стигнат? В недела ги очекуваме да дојдат преку „ДХЛ“. 21 илјада дози се потврдени од „Фајзер“ до крајот на март, а министерот ја кажа и динамиката за годинава. Стигна и информацијата од КОВАКС дека до крајот на март ќе стигнат првите количини вакцини од „Астра-Зенека“, меѓу 20 и 30 илјади дози – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот