Заев: Носев одлуки без да калкулирам за политички рејтинг, ниту за политички кариери (ВИДЕО)

Зоран Заев / Фото: Фејсбук

Гевгелија не е само најблиската дестинација до Европската унија на само три километри од ЕУ, туку го имате најубавото место за живеење во светот, со сета еколошка свесност, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев на граѓанската трибина во Гевгелија.

-Ме знаете добро, долго време ги застапувам интересите на земјоделците, на стомапствениците, на работниците, на ранливите категории, ги знаете сите мои вредности и слабости, но сигурно знаете дека борбата за власт не смее да биде гола флоскула и репер по којашто ќе ги мерите политичарите. Докажав дека оваа моја битка во политиката не е борба за власт- рече Заев.

Носев одлуки без да калкулирам за политички рејтин, потенцираше Заев, ниту за политички кариери.

-Носев одлуки коишто можеле да ги донесат понавремено моите преходници на позицијата претседател на Влада. Изолирани од сиот свет, додека целиот свет ита напред, бев меѓу првите кога требаше да се бориме против режимот. Извојуваме одлични решенија, коишто не само што изградија партнерство и стратешко пријателство со Грција и Бугарија, туку отворија перспективи, ги исполниве стратешките цели на државата. Бев тука и кога требаше да се излезе на референдум на тешки прашања, да се направат уставните промени, имавме храброст и кога требаше да се носат двотретинските закони, да се обезбедат 80 пратеници, а стартувавме со 49 пратеници од коишто требаше да направиме Влада- рече Заев.

Ја вративме ефтината тарифа, рече Заев, коишто сега плаќаат помалку за струја.

-Намаливме такси и давачки да повеќе од шест милиони евра, донесовме одлука да се покачат платите во приватните фирми, а за тоа ние ќе ги платиме придонесите, но плати треба да се качат на граѓаните. Донесовме одлука минималната плата од 9 илјади денари да ја качиме на 14 и 500 денари, за да ја отвориме спиралата на покачување на платите- рече Заев.

Тој најави дека во следниот четиригодишен мандат вкупно 600 милиони евра ќе насочат кон домашните компании и странските директни инвестиции, 300 милиони ќе бидат директна буџетска поддршка, а 300 милиони евра од европските фондови.

– Следува четврт пакет на мерки за поддршка во кој сите пензионери со пензија под 15.000 денари ќе добијат државна платежна картичка и ваучер. Сите невработени, пасивни баратели на работа ќе добијат следен пакет на државна платежна картичка, сите неевидентирани невработени, најсиромашните граѓани ќе добијат државна платежна картичка за да ги потрошат парите, да решат некој проблем дома но и да поддржат и туризам и  угостителство и да купуваат домашни производи и услуги, додаде Заев.

Тој нагласи дека обнова не и треба на државата, туку на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека како водечка политика оваа партии во југоистокот ја промовира мерката за повторно отворање на рудниците, со што директно оди против волјата на народот, на директна штета на здравјето на граѓаните и на здравата животна околина во овој богат земјоделски крај.

– Во југоистокот ќе ги отворале рудниците. Да ги потсетам граѓаните како беше 11 години додека беа тие власт, молк, не смееше да има протест, не смееше да има референдум. Се дигнаа граѓаните против рудниците заради слободата што ја има сега и порачаа да не му падне на никој на памет да отвора рудници, За 48 часа го слушнавме гласот на народот и направивме корекции. Ги укинавме концесиите. Прво во Казандол, а потоа и за Иловица во струмичко. Тие носеа концесии, ние укинувавме концесии. Секој глас за Александар Николовски е глас да се вратат рудниците во струмичкиот и гевгелиско-валандовскиот крај. Ова е европско богатство на земјоделие и на екологија и треба да го заштитиме до крај. Тие ги даваа концесиите, ние ги укинувавме. Сега треба да видиме дали сме исти, не сме исти, комплетно сме различни, порача Заев.

Тој нагласи дека сега одлуката е на народот.

– Ова не гола борба за власт оти ако била и ние ќе сме калкулирале, но ние сме носеле исправни одлуки за народот и државата и да оставиме нешто на децата, рече Заев.

Тој потенцира дека од овие одлуки добивме иднина, оти сега сме членка на НАТО, со што е гарантиран територијалниот интегритет на земјава, а од есен ќе отвориме и поглавја од преговорите за членство во ЕУ.

На крајот од своето обраќање тој ги повика гевгеличани да излезат на изборите кои ќе бидат безбедни по здравјето, да заокружат 3 за СДСМ и коалицијата „Можеме”, со цел како што рече „да продолжиме заедно уште повеќе, уште подобро да работиме за економски напредок на нашата земја”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот