Заев: Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ

Велес е камен темелник, чувар на македонскиот идентитет, култура и јазик и горд сум што денеска овде можам да кажам дека тој е загарантиран и обезбеден, порача премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на граѓанската трибина денеска во Велес под мотото „На прав пат”.

-Денес нашиот јазик, нашиот идентитет се загарантирани и признаени од целиот свет. Нема веќе негирање на нашата македонска посебност. Тоа е резултат од решавање на крупните прашања, а придобивките ги гледаме секојдневно, најмногу во економијата. Денеска сме партнери сојузници со Бугарија и Грција, таму не водат нашите политики. Договорите куќа градат, велат старите. Затоа денеска сме почитувана земја, рече Заев.

Од Хаџи Константинов Џинот, преку Рајко Жинзифов, Васил Главинов па до Панко Брашнаров и Кочо Рацин, Велес, додаде, го крчеше патот кон слободата, кон напредокот и развојот.

-Како многу пати досега Велес го трасирал патот кон напредокот, кон развојот. Така е и денес. Така ќе биде и на 12 април, порача Заев.

Според него, ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ и кажа дека опозициската партија нема никаква понуда, а продава лажен патриотизам.

– Од секое дрво кавал не бива. Ги знаеме кои се, им понудивме заедно да водиме кога требаше крупните прашања да се решаваат. Но не, избегаа, немаа храброст, квази патриотите. Понудив заедно да одработиме за реформите, заедно да одработиме за економијата. Не. И тоа одбија. Затоа што ако влезат заедно ќе се види сета лажна слика на нивниот квази патриотизам. Бегаат и до ден денеска. Знаеме и кои се и какви се и нема да им довозлиме да не вратат назад, затоа што се работи за нашата држава и нашата иднина. Ништо не се менува кај ВМРО-ДПМНЕ и затоа тие не можат да понудат никаква обвнова, затоа немаат поддршка од граѓаните, истакна Заев.

Тој, меѓу другото, изрази задоволство што партијата стана дел од Прогресивната алијанса, која се бори за човековите права, еднаквост и против радикализмот.

-Доаѓам од настан каде се зборуваше за прогресивниот свет, солидарноста, помагањето, развојот и подобрување на животниот стандард. Чест ми е што станавме дел од Прогресивната алијанса, која се бори за човековите права, за еднаквоста, за спротивставување на радикализмот, а токму тоа ние го правиме и дома, вели Заев.

Подвлече дека партијата продолжува по вистинскиот пат, кој води кон напредок и изграздба на едно општество за сите.

-Од Велес, од центарот на Македонија кој секогаш ги спојувал истокот со западот, со северот и југот ја испраќаме пораката дека продолжуваме по вистинскиот, правиот пат.  Изразот за почит кон мене и кон оваа влада е почит кон нашиот народ. Затоа, да останеме на правиот пат, тоа е патот којшто не носи напред. Нашата држава е мултиетничка, но сите сме еднакви, затоа ја градиме како едно општество за сите и тоа ќе продолжиме да го правиме затоа што силно веруваме во него, истакна Заев.

Претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ Фатмир Битиќи на граѓанската трибина кажа дека СДСМ верува во принциите на солидарност и концептот едно општество и дека парите треба да се враќаат кај граѓните. Додаде дека токму Меѓунардониот монетарен фонд, го пофалило зголемувањето на платите затоа што тоа директно влијае на подобрување на животот на сите граѓани, кои вели, го заслужуваат тоа.

-Стапката на невработенст е на историски 17,5 отсто. Тоа не се само проценти, тоа во реалноста значи дека ако ВМРО-ДПМНЕ градеа по 15 споменици годишно, ние отвораме по 15.000 рабтни места секоја година. Минималната плата ја зголемуваме на 14.500 денари. Тоа е за дури 5.500 денари или 60 отсто повеќе од претходно кога таа изнесуваше 9.000 денари. Растот на минималната плата повлече спирала на раст на просечната плата. Просечната плата за само две години порасна за над 2.200 денари. Тоа е затоа што растат платите во сите сектори, вклучително и во приватниот. За две и пол години просечната плата во основното и средното образование порасна за 2.100 денари, а во високото за 3.200 денари и тоа ќе продолжи, затоа што тие ги градат следните генерации, порача Битиќи.

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски на граѓанската трибина истакна дека кога ја презел функцијата, Општината имала долг од 3,4 милиони евра, создадени, вели, со незаконско работење на претходната власт, но дека со заштеди со намалување на трошоците за репрезентација, за службени патувања и за гориво општината успеала да ги враќа долговите, но и да инвестира во инфраструктурата и во капиталните проекти.

-Успеавме да реализираме 13 поголеми проекти во вредност од 2,5 милоини евра и тоа за проектот за туристички развој на езерото Младост, подобрување на животот на ромските заедници, комунални проекти, околу милион евра за проекти за патишта, чија изградба е во тек…Инвестираме во градот но и во околните села, бидејќи ние градиме едно општество за сите и секој заслужува еднакви услови за живот, истакна Коцевски, најавувајќи дека наскоро ќе започне реконструкција на градскиот пазар и изградба на првата катна гаража во градот.

Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) Самка Ибраимовски на трибината порача дека кога коалицијата предводена од СДСМ дојде на власт „го најде буџетот како растурена сарма, и успеа буџетот го извади од интензивна нега и се почна да функционира”. Оваа влада, додаде, работи колку за три буџети, „два украдени од ВМРО-ДПМНЕ и еден од кој се зголемуваат платите, пензиите, социјалната реформа, а дури и претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески, признава дека проектот Скопје 2014 ја уништи државата”.

-Испитот го положивме пред Европката унија, сега ја чекаме оценката, исто како кога професор ќе рече дојди да ти ставам оценка по два месеца, рече Ибраимовски, чија партија е дел од коалицијата предводена од СДСМ и се заблагодари на вработувањето на Роми во локалната самоуправа во Велес, како и решавањето на комуналните проблеми со кои се соочува ромската заедница во Велес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот