Заев: Не видов причина за да ја прифатам оставката од Рашковски

Апсолутно не видов никаква причина да прифатам оставка од Рашковски, кој двапати дојде и ми рече „не ја разбирам политиката, јас доаѓам од Универзитет, не сум бил политички на раководни функции, ако е политички исправно јас сум подготвен да заминам“, одговори денеска премиерот Зоран Заев, на 107-та седница на Собранието, на прашање од пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, зошто не побарал одговорност од Рашковски по скандалот со објавените видеа.

– Набавката на радарската опрема во МНАВ, комплетно со одлука за избор на јавна набавка, е завршена во 2016 година. Владата и генералниот секретар се во канцеларијата на Владата од 1 јуни 2017 година. Јавната набавка е завршена тогаш, од директор, кој е татко на поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски. Разговорот се водел со цел да се убедат директорите на МНАВ да потпишат договори и да одат во имплементација. Но знаејќи дека бандитска власт била претходно и не е така лесно, но влегле во имплементација и затоа се закажани состаноците. Јас имам одржано состанок со МНАВ на ова прашање зборувајќи „ајде луѓе треба да се реализира, имате пари, кредитна линија, Европска банка за обнова и развој беше консултант во целата постапка и треба да се реализира“. Апсолутно не може да се каже дека некој барал провизија прво на затворено, а второ на осум луѓе кои седат на состанок – истакна премиерот.

Заев нагласи дека се спроведува истрага и во Антикорупциска и во Обвинителство за евентуална злоупотреба, но оти постои и истрага за неовластено снимање и пуштање во промет на снимки.

– Апсолутно не сум видел одговорност, за да побарам одговорност или да прифатам понудена одговорност – потенцираше премиерот.

Затуроска посочи дека наместо одговорните да ги гонат тие што направиле криминал тие ги гонат оние кои што го откриваат криминалот.

– Така, на тој начин и господинот Рашковски кажа – лепеле, монтирале и така натаму… Не може да владеете три години на начинот на кој што владеете. Да го стегате народот за да можете вие така слободно да пливате во водите на криминалот. Не може вие да го амнестирате Рашковски за нешто што целата јавност го слушна. Само кај нас имаме вакви изместени вредности во сферата на правото додека ЈО, што требаше да се занимава со овој случај, гледаме никаде го нема, се мачи Антикорупциска, прибира некои материјали, тоа е сѐ со цел да се одолговлечи процесот и наместо одговорните да ги гонат тие што направиле криминал тие ги гонат оние кои што го откриваат криминалот. Такви изместени вредности имаме во нашата држава. Поради тоа сакате да го оставите господинот Рашковски кој што ви оди во вашиот терк, а ние ќе сечеме, ќе монтираме, ќе лепиме и ќе додаваме – истакна пратеничката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот