Заев: Не се каам за интервјуто за БГНЕС, преговорите годинава нема да почнат

Зоран Заев, Премиер на РС Македонија

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека е извесно дека до крајот на годината Македонија нема да ги почне преговорите со ЕУ.

Имаме уште малку време и простор, меѓутоа извесно е дека Бугарија месецов пак ќе стави вето. Мислам дека треба да почекаме да им поминат изборите во март, да размислуваат со трезвена глава. Да го немаат тој притисок од избори. На пролет да се решава прашањето – рече Заев во гостување на радио Канал 77 и додаде дека нема да поднесе оставка поради бугарското вето.

Тој не се кае за тоа што го кажал во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, кое било наменето за бугарската јавност.

Секогаш ќе бидеме страна која прави пријателски чекори кои отвораат перспективи за меѓусебните односи со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија, но никогаш за сметка на тоа нема да ги доведеме нашите идентитет и достоинство за кои никогаш нема да се преговара, а тоа е нашиот идентитет како Македонци кои говорат македонски јазик. Јас како струмичанец се сеќавам на свиждањето, за да се зближат народите. Администрацијата во Бугарија одлучила да се приклучи на Третиот рајх, не го прашале народот. Наместо „бугарски фашистички окупатор“, „бугарска фашистичка рака“, треба да ги смениме со „фашистички“. Лидерите треба да водат, јас не се каам на тоа што го кажав. Знам дека ги газам првите чекори на градење на пријателство. Да зборувам отворено, интервјуто беше дадено за да работи позитивно во Бугарија. И Борисов е многу често критикуван дома затоа што отворено зборува за македонски народ и јазик. Лидерите не калкулираат и не ја ставаат во прв план својата политичка кариера вели Заев.

Тој најави дека ќе се свика лидерска средба откако ќе разврши ова поглавје од преговорите со Бугарија.

Веднаш штом завршат преговорите со Бугарија, ова поглавје на разговори, успешно или неуспешно, јас ќе свикам лидерска средба. Никаде во Европа не се прават лидерски средби во ек на разговори истакна Заев.

Премиерот рече дека со Република Бугарија се постојано отворени каналите за комуникацијата и интензивно се разговара за прашањата што се актуелизираа и што се поставуваат како пречка за согласноста за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Разговараме за говорот на омраза, разговараме за патоказот за имплементацијата на Договорот меѓу двете земји. Треба да постигнеме повеќе на планот на економската соработка, да поттикнеме многу повеќе од она што досега е постигнато, а не е малку. Имаме инвестиции од наши компании во Бугарија. Од Бугарија имаме 13 инвестиции, меѓу кои и најновите кои покажаа интерес за инвестиции во енергетиката рече премиерот Заев.

Тој вели дека лани во октомври почувствувал дека Бугарија може да биде проблем на патот кон Европската унија.

Првиот проблем кој се јави е нашето кратко и долго име. Република Северна Македонија или Северна Македонија не претставува никакви територијални претензии рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот