Заев: Не очекувам интервенции во Преговарачката рамка за ЕУ

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека не очекува интервенции во Преговарачката рамка за членство во ЕУ, која е веќе на маса. 

-Нормално е дека во Преамбулата стојат и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, затоа што тоа е преземена обврска од наша страна да се реализира до крај низ годините пред нас. Секако Европската Комисија која е репрезент на сите земји – членки на ЕУ усвои преговарачка рампа и ја задолжи нашата земја и целото европско законодавство да го преведе на македонскиот јазик.Тоа за мене е голема работа, којашто уште еднаш значи признавање на нашиот идентитет нашиот македонски јазик. Македонската комисија, земјите членки на ЕУ, ова е почетокот на официјализирање на македонскиот јазик во службен јазик на ЕУ, со којашто се стекнуваме со полноправното членство, рече Заев во изјава за медиумите во Велес. 

Лидерот на СДСМ рече дека нашиот јазик ќе се изучува во библиотеките на главните градови на европските држави.

-Тоа само по себе значи распламтување на македонскиот оган кој што ќе биде како и сите посебни нации и идентитети дополнително потврден и валоризиран рамноправно еднакво како што Европа знае да го направи, потенцира Заев.

Преку конкретни, ефикасни, структурни мерки и политики, рече Заев, се обврзуваме стапката на младинска неврабтоност до 2024 година да ја донесеме под 17 проценти. Тоа е речиси двојно пониска младинска невработеност од денес. За таа цел Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за оваа година продолжува со рекорден буџет за 2020 година од 1,3 милијарди денари и тој буџет ќе продолжи да расте.

Тој нагласи дека обезбедуваат директна поддршка на младинското и женското претприемништво преку грантови во висина од пет до 15 илјади евра неповратни средства за започнување сопствен бизнис.

– Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето. Ова се пари кои одат директно на сметките на младите, односно повисоки плати за 10% веднаш. Поранешното „Македонско село” кое е во државна сопственост, го трансформираме во „Старт-ап село” („Start-Up Village”) кое ќе нуди физички простор за живеење и работа на млади луѓе со започнат или бизнис во подготовка. Мерката за три илјади денари месечен младински додаток во производството за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование продолжува и понатаму, нагласи Заев.

Ова, според него, е економски патриотизам на дело, затоа што, како што рече, денес, во 21 век, во време на динамичен развој и зголемена мобилност, вистински патриотизам е да ги задржиш младите дома, дома да создаваат и работат, дома да градат кариера, семејства и индина.

– Во 2017 кога ја презедовме важната улога да ја водиме државата, не дочека младинска невработеност од 48,6 отсто една од највисоките во Европа. Во превод, без работа беше секој втор млад човек до 29 години. Тоа за нас беше аларм за брзи и коренити промени во политиките кон младите. Започнавме со реализација на сериозни и издржани мерки и политики кој доведоа до зголемување на вработување на младите, рече Заев, додавајќи оти преку оперативниот план за активни мерки за вработување, поддршката преку Фондот за иновации и технолошки развој, поддршката за вработувања на млади, успеале значително да ја намалат младинската невработеност.

Денес, вели тој, таа изнесува 35,3 отсто и е во постојан тренд на опаѓање.

– Од друга странам, ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека не знаат економија, знаат само да земаат од граѓаните, да ги бркаат младите надвор од државата како што го правеа тоа цели 11 години. Но младите тоа нема да го дозволат. Младите ќе одберат работа, повисоки плати и европски стандарди дома. Ќе одберат напредокот да продолжи уште повеќе и уште подобро. Затоа што знаат дека заедно можеме, заклучи Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот