Заев: Не ми телефонирала Јанева, стојам зад неа додека не се докаже дека е виновна

Не сум се слушнал со Катица Јанева, не е точно дека ме барала мене, рече премиерот Зоран Заев на прашање дали се точни шпекулациите дека пред да и биде одземен телефонот, Јанева телефонирала на висок владин функционер.

– Ако нешто се случило и некој со некого контактирал може да ги прашате Јанева, дипломатите и Јавното обвинителство кое рече дека го земале телефонот за да видат дали постои доказ за конекција, за да се види дали навистина има нешто или е само е злоупотребена. ЈО е должно да даде информации за тоа дали Јанева е употребена или злоупотребена согласно доказите – рече Заев.

Според него, етички, угледот може да се наруши и заради невниманието со кого дружиме.

– Јас бев насанкан од пранкери, лажни претседатели. За мене никој не е виновен додека тоа не се докаже, истрагата тоа ќе го докаже. Стојам зад институциите, нивното создавање не е лесна работа, особено такви за кои државата имаше насушна потреба. СЈО се создаде со консензус зошто ОЈО не функционираше. Додека не се докаже дека Јанева е инволвирана во криминал стојам зад неа – рече Заев.

Тој не кажа кои се фунционерите од СДСМ кои се инволвирани во случајот со Бојан Јовановски, ниту пак која е странската држава која помогнала во откривање на изнудата на бизнисмените, односно дали тоа  е Бугарија.

-Бугарија е наш голем пријател, од кај да знам дали таа е инволирана, нема да си дозволам такви шпекулации. ОЈО нека каже која е странската држава – рече премиерот.

Заев истакна дека во минатото многу вакви случаи биле заташкувани од извршната власт.

– Порано за своите се гинеше до крај. Денеска покажуваме дека никој не е заштитен, секој ќе одговара за тоа што го направил, ќе бидат отворени истраги. Тоа е голема разлика и на тоа сум горд. Вака правната држава никогаш не била присутна, борбата против криминалот и корупцијата е императив – потенцираше премиерот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот