Заев: Наместо ѕидови денеска изградивме нови мостови

фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Нашите народи, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности. Одиме по истиот пат, заедно, напред, поврзани. Балканот доволно долго беше опкружен со ѕидови. Наместо ѕидови денеска изградивме нови мостови, рече македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес-конференција по одржувањето на „Економскиот форум за регионална соработка“.

Тој ја изрази поддршката што за ова ново и силно регионално поврзување ја добиваат од деловните заедници на трите земји, како и на гостите од бизнис заедниците на другите земји од Западен Балкан и од поширокиот регион и од повеќе земји од Европа и светот.

– Претставниците на повеќе од 350 компании учесници на форумот се капиталот на оваа иницијатива, а нивните дискусии, дебати, предлози и проекти што тука ги афирмираа и ги здружија, сведочат дека иницијатавата Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот.

Освен потпишувањето на меморандумите и договорите за соработка предвидено е на почетокот на ноември да се остварат работни средби во Белград, а кон крајот на годината во Тирана.

– Во меѓувреме, рече Заев, ќе ги задолжиме ресорните министри да обезбедат итна реализација на договореното и да развиваат нови проекти за олеснување на животот на нашите народи. И час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да осетат конкретен економски бенефит – без разлика дали тоа ќе биде поевтин одмор во Саранда, Преспа или Копаоник или пак побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат.

Отворен Балкан оди напред рече премиерот Заев, а соработката ќе се проширува и на многу други полиња, од заеднички интерес, важни за нашите држави, за нашите граѓани и општества.

Видео на денот